Германската канцеларка Ангела Меркел, во видео-порака денеска предупреди за влошената хуманитарна состојба низ целиот свет и нагласи дека пандемијата на коронавирус и глобалното затоплување веројатно ќе предизвикаат дополнителни вонредни состојби.

– Мора да имаме предвид дека пандемијата и климатските промени ќе ги променат околностите за многу луѓе ширум светот – рече Меркел во своето обраќање.

Како земја, важно е брзо да ја мобилизираме хуманитарната помош, додаде таа.

Меркел ја наведе како пример операцијата на Бундесверот и работата на сојузната Агенција за техничка помош (THW) во Либан, по експлозијата на пристаништето во Бејрут во која загинаа 178 лица, а повредени се најмалку 6.000.

Експлозијата покажа како криза може да се развие ужасно брзо, посочи германската канцеларка.

Осврнувајќи се на Светскиот ден на хуманитарната помош – 19 август, Меркел ја истакна важноста од заштита на работниците кои пружаат помош.