Германската канцеларка, Ангела Меркел, објави натамошно укинување на ограничувањата наметнати од епидемијата на коронавирус, вклучително и отворање на детските игралишта, културните институции и верските објекти.

– Се согласивме дека може да се отворат игралиштата, музеите, зоолошките и ботаничките градини. Сепак, конечната одлука останува на сојузните земји – рече Меркел по телеконференцијата на владата и премиерите на сојузните провинции.

Истото се однесува и на религиозните собири, така што мисите можат повторно да се служат со придржување кон правилата за дистанцирањето и хигиената.

Меркел објави дека по состанокот следната недела, надлежните министри ќе работат на концепти за тоа како постепено да се отвораат угостителски објекти, но тоа ќе зависи од развојот на епидемијата.

Додека не се најде вакцина, останува целта да се намали бројот на новозаразени во мера што не ја загрозува ефикасноста на системот за здравствена заштита.

– Ова досега ни успева. Но, ако кривата оди нагоре, ние мора да можеме да реагираме брзо и да ги заостриме мерките – предупреди Меркел.

Владата и премиерите на сојузните покраини ќе разговараат за ново олабавување на мерките на 6 мај.