Еден ден пред воведувањето на драстичните мерки против ширење на коронавирусот, во Германија се регистрирани 14.177 новозаразени, а од последниот пресек починале 29 луѓе.

Како што соопшти Институтот Роберт Кох, вкупно досега се заразиле 532.930 луѓе, а починале 10.481.

Поради големиот пораст на бројот на заразени, Германија од утре воведува драстични мерки со кои владата сака да го сузбие ширењето на епидемијата. Мерките ќе бидат на сила до крајот на ноември, а оваа одлука, со која прилично се ограничува секојдневниот живот, предизвика бурни реакции кај граѓаните.

Канцеларката Ангела Меркел изјави дека владата е свесна дека бара многу од луѓето, но дека мора сега да се делува.

– Нашиот здравствен систем денеска може да се носи со овие предизвици. Но, ако се продолжи со ова темпо, ќе ја достигнеме границата за неколку недели. Поради тоа овие строги мерки се неопходни – порача Меркел.

Целта е до Божик да се намали бројот на нови инфекции, потоа да функционира економијата, а училиштата и градинките да останат отворени.