За првпат откако стапија на сила мерките за затворање поради коронавирусот, на улиците на Мелбурн можат да се видат возбудените лица на оние кои го дочекале крајот на карантинот. Откако изгреа сонцето, вработените во кафе-баровите ги местеа масите и столовите во очекување на посетителите гладни за храна, но и за дружење, пренесува „Гардијан“.

Вториот најголем австралиски град излезе од шестото „заклучување“, во текот на кои неговите пет милиони жители беа под рестрикции над 260 дена, по избивањето на пандемијата. А Џејмс Гирман откри дека знае точно што ќе направи во првите 24 часа во „новата слобода“.

– Планот е да се опуштам и да се напијам. Но, првото што ќе го сторам е појадувањето јајца. Всушност, не знам да зготвам јајца, така што ова ќе биде првата порција за мене откако почна карантинот. Новата слобода е олеснување за сите – вели Гирман.

Друг посетител на кафе-барот, Џорџ, вели дека земал слободен ден од работа специјално за оваа пригода, односно за да го прослави крајот на заклучувањето.

– Денот ќе го искористам да се видам со пријателите, да јадам, да се забавувам и да бидам весел. Убаво е да се види како луѓето шетаат, да се види дека се среќни и позитивни, со насмевка на нивните лица – вели Џорџ, кој одби да го каже неговото презиме.

И катанците на затворените берберници паѓаат брзо, така што берберите имаат полни раце работа во наредните 30 дена.

– Имам петорица бербери кои потшишуваат 20 луѓе на ден. Сите што дојдоа да се потшишаат се многу возбудени. Мислам дека за некои луѓе веројатно ќе биде малку неудобно поради вирусот, но ќе се навикнеме. Полека ќе се вратиме во нормала – вели Џо Курдјала, сопственик на една берберница во Мелбурн.

Но, и покрај новонастанатата слобода, еуфорија и подготовките на баровите и дискотеките за големата петочна вечер, голем број жители од градот сметаат дека сѐ уште е рано за прослава и за журки.