Францускиот претседател, Емануел Макрон, се соочи со многу предизвици за време на неговата претседателска кариера. Сега, благодарение на пандемијата, тој се подготвува да го заземе местото на лидер на светот, позиција за која се веруваше дека е резервирана за водечките луѓе на светските сили, како што се Си Џинпинг, Доналд Трамп и Владимир Путин. Но, тој засега нема конкуренција, пренесува Си-ен-ен.

Алатката со која тој полека се приближи до оваа позиција е неодамнешниот предлог за прекин на огнот на светско ниво, односно примирје од Авганистан до Сирија, Ирак и Јемен. Четири од петте членки на Советот за безбедност на Обединетите Нации (Франција, Кина, Русија, САД и Велика Британија), веќе се согласија на предлогот, вели Макрон. 

Францускиот претседател тврди дека е блиску до добивање на согласноста и од страна на Путин. Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, веќе побара итен, светски прекин на огнот. Но, нема гаранција дека талибанците, ниту нивните подржувачи во Пакистан ќе прекинат со огнот. Русија и Турција го одржуваат нивното присуство во Сирија. Башар ал Асад не им дава простор за опуштање на бунтовниците кои секојдневно се обидуваат да го симнат од власт. Милитантите поддржани од Иран, и покрај епидемијата од ковид-19, ќе продолжат со нивните активности во Ирак. Кинеските воени бродови ќе ги продолжат патролите во Јужното Кинеско Море за да го зачуваат влијанието врз островите во оваа стратешка област.

Сепак, иницијативата е можна почетна точка кон мирот. Макрон исто така ја изнесе идејата за мораториум за сите исплати на долгови од страна на африканските нации, како средство да се помогне и контролира состојбата во Африка, која, погодена од коронавирусот, се соочува со недостиг на ресурси. 

Макрон веќе зазеде јасен став против некои од водечките светски сили и нивните активности за време на пандемијата. Трамп ги разлути светските лидери со тоа што ја критикуваше Светската здравствена организација и нејзиното работење, додека Си Џинпинг се соочи со критики поради продажбата на неквалитетната медициснка опрема што Кина ја понуди на европските земји. 

Иницијативата на Макрон не можеше да дојде во подобар миг. Од два милиона заразени од коронавирусот, половина се во Европа. Голем број европски земји ги најавија укинувањата на мерките за карантин, што Макрон го најави и за Франција за 11 мај. Франција би можела да биде лидер во оваа иницијатива. 

Голем број од европските земји пристапија и кон затворањето на границите кон нивните соседи, кои долги години беа отворени под знамето на Унијата, со цел да го спречат и забават ширењето на епидемијата. Макрон беше во првите редови кога станува збор за грижата за Европската Унија и задржување на интегритетот, затворањето на границите и зачувувањето на демоктарските системи, особено во време кога Велика Британија ја напушти ЕУ. Сега, границите формално се затворени до 15 мај за сите 26 европски членки. 

Се чини дека на светот му е потребен нов лидер за време на криза, лидер кој е подготвен да ги стави светските интереси над сопствените лични и политички интереси. Сѐ додека САД не се подготвени да понудат таква личност, можеби во меѓувреме нема подобар кандидат за оваа позиција од Макрон.