Додека Европа одбива помош од Кина од свои познати причини

Кина, од каде што тргна ширењето на коронавирусот кон повеќе од 200 држави, сега е најголемиот извозник на медицинска опрема и заштитни материјали, токму кон државите од Западот, кои се и најмногу погодени од кризата.
Агенцијата Франс прес објави податоци според кои Кина минатиот месец обезбедила речиси четири милијарди маски, 16 илјади вентилатори, 37,5 милиони парчиња заштитна облека и 2,84 милиони примероци за тестирање на коронавирус во повеќе од 50 земји.
Но истовремено во европските земји се случува процес на отпор и критики кон Кина, манифестиран со голема, пред сѐ медиумски експонирана недоверба во кинеската заштитна медицинска опрема.

Што, всушност, се случува? Зошто Западот ги критикува земјите што примаат помош од Кина? Има ли политика во одлуките државите од Западна Европа да вратат назад голем дел од кинеската медицинска опрема?
Сите овие дилеми имаат и свои одговор, но со различни толкувања и анализи. Во светските медиуми најчесто може да се прочита дека оваа кинеска медицинска помош западните држави не ја сакаат затоа што не била со квалитетот што го практикуваат тие. Меѓу земјите од Западна Европа што вратија кинеска медицинска опрема се Холандија, Словачка и Шпанија.

Македонија, пак, доби позитивен одговор за помош во респиратори и друга опрема од Кина, но не се знае кога таа ќе биде испорачана, зашто таа земја е преплавена од барања за помош од целиот свет. Кина уплатила безмалку два милиони денари парична помош на сметката на нашето министерство за здравство. Досега нашата земја доби донација од Унгарија, од каде што пристигнаа 100.000 маски и 5.000 заштитни униформи наменети за борба против коронавирусот. Турција ќе донира медицинска опрема и средства наменети за здравствениот сектор, што се состои од 50.000 парчиња заштитни медицински маски, 1.000 заштитни скафандери и 1.000 дијагностички тестови. САД ѝ донираа 1,1 милион долари на земјава за борба против коронавирусот.

Но се чини дека Македонија почна да прима сигнали за примањето на медицинската помош што ѝ е потребна. Дали и медицинската помош полека се обојува со политички или идеолошки бои? Ќе почувствува ли нашата држава поголем притисок во блиска иднина од Западот, како нова членка на НАТО или преговарач за ЕУ? Како ќе запливаме во овие води, со оглед на тоа дека сѐ уште навистина ни се потребни силна помош и поддршка за медицинска опрема за граѓаните?
Аналитичарот Петар Арсовски смета дека причините за ваквата состојба и однос на европските земји се политички.

– Пораката што сакаат да ја кажат некои од европските земји со одбивањето на медицинската опрема од Кина, со изговор дека се сомневаат во нејзиниот квалитет, оди во насока дека можат сами да се справат со состојбата. Затоа и причините не се здравствени, туку политички. Затоа и Италија ја одби помошта од Кина, велејќи дека ѝ е бесполезна. Македонија во оваа смисла не може да си дозволи да одбие каква било помош во оваа состојба – посочува Арсовски.
Аналитичарот Цане Мојановски, пак, смета дека прашањето треба да се постави и во насока на тоа колку фармацевтските компании и индустрии за медицинска опрема во европските земји што одбиле помош од Кина може да бидат загрозени од тоа.
– Можеби причините се и од економска природа. Но Македонија во оваа ситуација треба да ги гледа своите интереси, зашто не е ниту геополитички ниту економски фактор. Најчесто малите држави може да бидат заложници во игрите на големите политички субјекти – додава Мојановски.

Една од најпогодените земји, Шпанија, повлече 58.000 комплети за тестирање на коронавирус купени од кинеска компанија на 27 март годинава, откако беше откриено дека тие имаат само 30 отсто стапка на откривање. Холандија неодамна потсети на десетици илјади маски за кои се вели дека не се затвораат правилно на лицето или немаат исправни филтри.
Премиерот на Словачка, Игор Матовиќ, минатиот месец потврди дека повеќе од еден милион тестови што неговата земја ги примила од Кина треба „само да бидат фрлени директно во реката Дунав“.
Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Хуа Чунинг, одговори дека проблемите треба да бидат „правилно решени врз основа на факти, а не на политички толкувања“.
Во светските медиуми најчесто се пишува дека кинеската помош за Западот е мотивирана и од геополитички стратегии.
Шпанија и Чешката Република ги вратија кинеските комплети за тестирање, бидејќи министерот за надворешни работи на ЕУ, Јосеп Борел, изјави дека Кина агресивно ја турка идејата дека, за разлика од САД, таа е „одговорен и сигурен партнер“.

Тој смета дека вооружена со факти, треба да се брани Европа од своите противници.
Од друга страна, пак, критиките за земјите што ја примаат помошта од Кина најчесто е аргументирана со фактот дека Европа не успеа да ја демонстрира својата солидарност како модел за да ги заштити своите членки од оваа пандемија. Токму таквата поставеност на ЕУ, која не успеа најсоодветно да одговори на пандемијата, за источните аналитичари е причината што Кина успева да се наметне како фактор.
Хасан Кавар, аналитичар за јавна и економска политика со седиште во Исламабад, вели дека Кина се етаблира како „светски лидер во развој, а Западот не е целосно сигурен како да одговори на оваа нова реалност“.
Италија, на пример, ја поздрави поддршката од Кина и од Куба.

[email protected]