Откако пазарите за диви животни во кинески Вухан беа затворени, пазарот во Томохон во Индонезија, стана најголемиот центар за набавка на диви животни за консумација. Шест дена од неделата, на пазарот можат да се купат лилјаци, стаорци, змии и гуштери, а честопати и кучиња, кои биле нечии миленици, пренесува „Њујорк тајмс“. 

Со години љубителите на животни и активистите бараа ваквите пазари во Индонезија да бидат затворени. Сега, пандемијата на коронавирус им даде уште една причина да извршат притисок врз властите конечно да преземат акција.

– Пазарот е како кафетерија за патогени од животните. Консумацијата на диви животни е како игра со оган – изјави Вику Адисасмито, водечки експерт за коронавирусот во Индонезија. 

По појавата на ковид-19, Вухан нареди затворање на ваквите пазари. Сега, пазарот во Томон, еден од седумте во Индонезија, е меѓу најголемите во регионот за продажба на диви животни за прехранбени потреби.

– Тоа е темпирана бомба која чека да пукне. Прашање на време е кога ќе станеме следниот епицентар како што беше Вухан – вели Били Густафианто Лолоанг, менаџер на Центарот за спасување на дивиот свет од градот Битунг. 

Локалните жители веруваат дека некои животни имаат лековити својства, како што се верува дека лилјаците лекуваат астма. Во Северен Сулавеси, месото од диви животни е застапено во толку голема мера во локалната кујна, што месото од змии и од лилјаци често се продава и во супермаркетите.

– Пред пандемијата, лилјаците беа најбарани и најкупувани, а по нив беше месото од стаорци и од питони. Сега луѓето најчесто купуваат месо од прасиња и диви свињи – изјави Рој Нанка, месар кој работи на Томохон пазарот веќе 20 години. 

Индонезија, која е четврта земја по бројот на жители во светот, бавно ја согледува опасноста од коронавирусот и заостанува зад другите држави според бројот на направени тестови. Индонезија регистрираше 15.438 заболени случаи и 1.028 смртни случаи, со што е втора земја по број на жртви во Источна Азија веднаш зад Кина.

– Не е прашање дали, туку кога ќе се случи слична пандемија како во Вухан – напиша во писмо коалицијата за заштита на кучињата од Индонезија до претседателот Џоко Видодо.

Многу од овие пазари се познати и по просперитетната недозволена трговија на птици фатени во дивината. Се претпоставува дека околу 20 милиони птици на годишно ниво исчезнуваат поради оваа трговија. 

Во обид да го спречат ширењето на коронавирусот, властите ги скратија за половина  работните саати на пазарот. Дополнително, со предупредувањата за коронавирусот, пазарот беше цел на активистите за животни поради нехуманиот начин на убивање на некои од животните кои се продаваат таму, како и поради тоа што голем дел од мачките и кучињата најдени на пазарот се всушност украдени миленичиња. 

Активистите за заштита на животни исто така посочуваат дека голем дел од месото на пазарите потекнува од заштитени и загрозени видови, и се надеваат дека пандемијата ќе ги предупреди луѓето за ризиците од консумирање месо од диви животни и ќе им помогне да сфатат дека убивањето на овој животински свет за храна не е одржлива практика. Но, тие не очекуваат дека луѓето од Индонезија лесно да ја напуштат оваа традиција.