Ниедна земја не сака да се вратат полицискиот час и карантинот предизвикани од коронавирусот. Затоа научниците треба да работат на потенцијални третмани, лекови, или комбинација од терапии против коронавирусот, со цел да се избегне уште еден карантин кога ќе се појави новиот бран наесен, пренесува „Блумберг“.

Затоа, треба да се стави нов акцент на алтернативните решенија, пред сè, на чисто превентивните средства. Додека надежта за потенцијална вакцина е сè поприсутна, пронаоѓањето на терапија за вирусот ќе биде вистинското решение во кризата. Терапиите би биле поевтини и побрзи, а и со помал ризик во однос на недоволната вакцинација, или пак, потенцијалната борба да се дојде до доволен број дози. Сопирањето на инфекцијата и на смртните случаи би го разоружиле ковид-19 од неговите најстрашни својства. 

Мотиви се јасни: доколку повторно дојде до карантин, тоа би ја разнишало економијата и би ги разделило државите, а исто така би претставувало и признавање на пораз за политичарите и надлежните лица од здравството кои инсистираат на тоа дека светот е „подобро подготвен“ да ја контролира епидемијата за разлика од нејзиниот почеток.

За жал, седум месеци по појавата на пандемијата, има мал напредок во овој правец. 
Избрзаните клинички испитувања, наменети да постигнат брзи резултати, само предизвикаа конфузија и предизвикаа непотребна возбуда.
Досега имаше повеќе разочарувања отколку успеси, како што се лекот против маларија, хидроксихлороинот, или ХИВ-терапиите со лопинавир. Факт е дека болниците сè уште се во милост на вирусот. Иако се бележи глобален пад на стапката на смртност, на 3,5 отсто, тоа е благодарение на благите симптоми кај заразените. 

Постојат начини да се подобри потрагата по терапија, како што се адаптивни клинички испитувања. Зголемената меѓународна соработка исто така ќе ја зголеми нивната шанса за наоѓање терапија, а ќе избегне и дуплирање во работата. 

Цената за развој на лекови против ковид-19 може да достигне сума од 200 милиони долари за одредена терапија, што би претставувало мал дел од една милијарда долари што би биле потребни за производството на вакцина, со оглед на тоа што можеби за третирање на коронавирусот би бил потребен „коктел“ од различни терапии. 

Џефри Аронсон, клинички фармаколог во Центарот за медицина на универзитетот Оксфорд, минатиот месец користеше мешавина на лекови во стратегија за борба против вирусот, напаѓајќи го во сите негови етапи, односно во спречување на вирусот да влезе во клетките, потоа запирањето на неговата репродукција откако ќе навлезе  во клетките, и на крај го измени имунолошкиот одговор на телото со засилување или сузбивање во соодветните периоди.

Затоа, научните истражувања треба да бидат поддржани и координирани како дел од колективниот план за борбата против вирусот. Ако се очекува нов бран наесен, испитувањата на пациентите и потенцијалните третмани треба да бидат подготвени дотогаш. Наместо да бидат заглавени во непотребна дебата, фокусот на научниците треба да биде во изнаоѓање на терапија што би направила карантинот непотребен.