Како да се погрижите патентите да не се испречат на патот до светското здравје?

Авторка: Џенифер Хилман

Форин аферс

Во тек е трката за пронаоѓање на безбедна вакцина против ковид-19, болеста предизвикана од новиот коронавирус. Мноштво академски институции и компании ширум светот работат напорно, а најмалку осум кандидати за вакцини влегоа или ќе влезат во фаза на клинички тестирања. Институтот „Џенер“ на универзитетот „Оксфорд“ во моментов води во трката, со тоа што на крајот на мај ќе започнат со масовни тестирања врз луѓе. Оваа недела, биотехнолошката фирма „Модерна“ од Масачусетс најави дека вакцината против коронавирусот безбедно создала заштитни антитела во доброволци во раната фаза од тестирањата врз луѓе.

Слични напори имаат цел да се развијат антивирусни лекови и други лекарства, но и да се пренаменат постоечките за да се лекуваат заразените со коронавирус. До средината на април само во САД беа поднесени 950 предлози на фармацевтски компании до Агенцијата за храна и лекови и чекаат одобрување, а се испитуваат над 70 лекови против ковид-19. Се работи со неверојатно темпо. Обично за вакцините и новите лекови е потребно барем една деценија за да се развијат и да се тестираат, но интензивните светски напори во истражувањето доведоа вакцината да стане реалност за 18 месеци и открија надежни третмани.

Ако се најде вакцина, лек или двете, следната и можеби потешка задача ќе биде брзото
производство и еднаквата дистрибуција на лекарствата во светски рамки и во обем. На тој начин ќе биде потребна светска генијалност и добра волја за да се надминат многу пречки.

На пример, една држава може да се обиде да ги погази напорите со цел да ги задржи
ефикасните лекови или вакцината за себе и своите граѓани. Исто така, правата на
интелектуална сопственост можат да ги спречат вакцините или лековите да стигнат до
сиромашните и ранливите категории на граѓани или да се случи колапс и ненавремена
дистрибуција преку светските синџири на испорака кои веќе се соочуваат со тешкотии
поради пандемијата на ковид-19.

Но во екот на ваква криза која се случува еднаш во животот, светската заедница мора да се погрижи системот да функционира. Најдобриот начин за вакцините и лековите да стигнат до сите на кои што им се потребни, меѓу кои и државите во развој, е државите да се посветат на соработката во согласност со правилата на Светската трговска организација (СТО) за правата на трговските заштити и интелектуална сопственост да не станат пречка за јавното здравје.

Лекции од кризата со СИДА

Верижното затворање на бизнисите како одговор на ковид-19 е од досега невидени размери, но не и појавата и ширењето на смртоносната заразната болест во светот. Речиси пред две децении во борбата против ХИВ/СИДА, членките на СТО мораа заеднички да работат за да ги променат постоечките правила и прописи за да создадат нови правила, институции и колаборативни врски кои сега ќе бидат потребни за борба против и ставање крај на пандемијата на коронавирусот.

Во јули во 2000 година, како што светската епидемија на ХИВ/СИДА достигнуваше кулминација, научниците, експертите по јавно здравје и политичарите ширум светот се собраа за тринаесеттата меѓународна конференција за СИДА во Дурбан, Јужна Африка. Во говорот на конференцијата во Дурбан, јужноафиканскиот врховен судија Едвин Камерон ја осуди „шокантната и монструозна неправда“ на светскиот трговски систем кој не успеал да обезбеди достапни лекарства за третман на пациентите со СИДА во
сиромашните земји. Камерон и други лидери и општествени активисти во најтешко
погодените земји за високите цени и недостапноста на лековите ги обвинија западните
компании во чија сопственост беа патентите, но и договорот за трговски аспекти на
правата за интелектуална сопственост (ТРИПС) на СТО. Овој договор кој стапи на сила во 1995 година, кога е формирана и СТО, принуди многу земји во развој за првпат да си ги заштитат фармацевтските патенти ефикасно обезбедувајќи го правото на фармацевтските  компании да наплаќаат онолку колку што дозволува пазарот.

Конференцијата за СИДА во Дурбан беше пресвртница во светското јавно мислење. Поради зголемениот морален гнев од шансите за спречување на смртноста од СИДА во сиромашните земји, фармацевтската индустрија и СТО почнаа да реагираат.

Министерскиот состанок на организацијата во Доха, Катар, во ноември 2001 година резултираше со декларација дека ТРИПС „може и треба да се толкува и спроведува во насока на поддршка на правата на членките на СТО за заштита на јавното здравје и особено за промовирање на пристапот до лекови за сите“. СТО заседаваше во Доха една година по конференцијата во Дурбан, а поради контроверзиите околу нееднаквиот
пристап до третман на ХИВ/СИДА, беа направени промени во ТРИПС со што се зедоа повеќе во предвид вонредните состојби во светското јавно здравство.

Флексибилност и соработка

Покрај долгогодишните проблеми и конфликти, напорите за борба против ХИВ/СИДА
воспоставија важни темели. Тие ги создадоа кооперативните односи меѓу меѓународните организации, влади, приватни компании, истражувачки институции и невладини организации на начин што ќе бидат од суштинско значење за ефикасното производство и дистрибуција на вакцина против ковид-19.

Вакцините и антивирусните лекови се најдобрата шанса за светот да се справи со пандемијата, а ефикасното развивање и дистрибуција ќе наложува светска соработка од невидени размери досега. Координирањето на нашите напори ќе бара од компаниите и владите заеднички да соработуваат во согласност со правилата на СТО. Во текот на
актуелната криза, светот мора да се потпре на СТО за синџирите на испорака да бидат
секогаш отворени, државите да не воведуваат забрана за извоз и да не трупаат резерви, но и да обезбедат флексибилна рамка за трговија и соработка. Лидерите на СТО, СЗО и Г-20 веќе бараат од владите да соработуваат за да има ефикасна и еднаква дистрибуција на вакцини, лекови и други иновации кои ќе бидат потребни во борбата против ковид-19. Светот мора да се надева дека владите ќе одговорат на повикот.

Превод: Билјана Здравковска