Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор изјави дека еден лекар го искористил своето влијание за да ги протурка членовите на семејството да бидат меѓу првите што ќе примат вакцина против коронавирусот, иако први на списокот се здравствените работници.

– Семејство кое не беше на списокот за вакцинирање дојде на местото за вакцинација и прими вакцина на „Фајзер“ – рече Лопез Обрадор и додаде дека станува збор за лекар, неговата сопруга и една или две ќерки.

Лопез Обрадор ја нарече употребата на влијанието на лекарот за вакцинирање како „неморална“, објави „Гардијан“.

Тој не прецизираше какви мерки може да се преземат против инволвираните лица кои сè уште не се идентификувани, но рече дека случајот е под истрага и дека ќе има казни.

Експертите изразија загриженост дека кражбата, корупцијата или фалсификувањето можат да влијаат на програмата за вакцинација во Мексико.

Досега, Мексико прими околу 50.000 дози вакцина на „Фајзер“, што не е доволно за да покрие 1,4 милиони здравствени работници, иако се очекува прилив од стотици илјади вакцини во наредните недели.