Американскиот претседател, Доналд Трамп, одлучи да ја продолжи препораката за социјално дистанцирање ширум земјата за 30 дена, до крајот на април.

Трамп ја донесе оваа мерка откако експертите предупредија на опасноста од ширење на коронавирусот, како и на тоа дека врвот на бројот на жртви на дневно ниво би можел да биде дури за две недели.

Епидемиолот Ентони Фаучи претходно изјави дека милиони Американци ќе се заразат со коронавирус, а дека би можеле да умрат меѓу 100 и 200 илјади луѓе.

Трамп на прес-конференција рече дека доколку бројот на жртви биде помал од 100 илјади, во споредба со 2,2 милиони колку што се предвидува во една студија, тоа би значело дека работата е добро направена, пренесе Си-ен-ен.

Препораките за социјално дистанцирање ќе важат и за Велигден кој во САД се празнува на 12 април, а Трамп се надеваше дека до тогаш неговата земја и економијата повторно ќе почнат да функционираат со полна сила.

Некои држави во САД воведоа строги контроли на движењето. Препораките на сојузно ниво се однесуваат на собирање на поголеми групи, а на постарите лица со здравствени проблеми им се советува да останат дома. Луѓето се повикани да работат од дома и ако е можно да избегнуваат ресторани, барови и патувања и купувања кои не се од витално значење.

Во САД се потврдени повеќе од 137.000 случаи на коронавирус, а починаа повеќе од 2.400 луѓе.