Европол предупредува

Европол ги повика земјите-членки на ЕУ и трети земји да бидат особено внимателни во врска со можните измами и криминални активности поврзани со вакцините против ковид-19.

Европол издаде предупредување за криминални активности поврзани со вакцините, во кое се посочува дека криминални групи веќе се подготвуваат да ги искористат можностите што ги дава пандемијата на коронавирусот.

– Веднаш откако на пазарот ќе влезе вистинска вакцина, се очекува брзо да се појават и прошират нејзини фалсификувани верзии – се вели во соопштението на службата.

Се наведува дека тие во најдобар случај можат да бидат неефикасни, а во најлош случај токсични, имајќи предвид дека ќе се произведуваат во нелегални лаборатории без придржување кон хигиенските стандарди.

Европол предупреди, исто така, и дека има информации за криминални групи кои рекламираат купување преку Интернет на таканаречената мрачна мрежа, „користејќи ги логоата на вистински фармацевтски компании кои се во завршна фаза на тестирањата на своите вакцини“.

Претходно оваа година, во април, Европол предупреди на потенцијалната опасност измамници да нудат наводни верзии на вакцини против ковид-19, преку Интернет и во живо.