Москва ќе го разгледа барањето на САД за испраќање дополнителна медицинска помош и опрема за борба против ковид-19 ако такво пристигне, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, пренесува „Спутник“.

– Ако добиеме дополнително барање од американска страна за помош во снабдувањето со некоја медицинска опрема за борба против Ковид-19, секако дека ќе го разгледаме. За тоа разговараа претседателите Путин и Трамп во неодамнешниот телефонски разговор – посочи тој.

Лавров додаде дека Трамп во разговорот со Путин истакнал дека САД се подготвени во иднина да испратат медицинска помош во Русија ако тоа биде потребно.

– Мислам дека тоа е нормален партнерски пристап – рече Лавров.

Русија претходно испрати авион АН-124 „Руслан“ со медицинска опрема во Њујорк. Амбасадорот на Русија во САД, Анатолиј Антонов, соопшти дека во авионот имало средства за дезинфекција, заштитни очила, маски и респиратори неопходно за спасување на Американците во услови на епидемијата со ковид-19.