Австрија од денеска е во вонредна состојба поради кронавирусот. Заострените мерки ќе траат една недела, а потоа ќе се направи проценка што понатаму, изјави австрискиот канцелар, Себастијан Курц.

Тој нагласил дека Австрија е на почетокот на кризата и дека се очекува заразата следните денови да земе уште поголем замав.

Курц рекол дека мора да ги разочара сите што мислат дека мерките важат од денес за утре и дека драстичните мерки и ограничувањата за движење треба доследно да се спроведуваат за да се забави ширењето на вирусот.

– Ќе ја пребродиме кризата побргу ако сите сме многу дисциплинирани – истакнал Курц.

Од денеска во Австрија е ограничено движењето на јавни места и има забарана за собирање на повеќе од пет луѓе на исто месо. Воведени се и ограничувања за влез во земјата.

Се препорачува да се минимизираат социјалните контакти, а луѓето да ги напуштат своите домови само ако одат на работа, да купат намирници и лекови или да им помогнат на другите.

Меѓу другото, со суспендирање на сите културни и религиозни настани, сите образовни институции, повеќето од продавниците освен оние што продаваат храна и лекови, ќе бидат затворени, а сите гастрономски објекти, спортски центри и игралишта ќе бидат затворени од вторник. Полицијата ќе го следи спроведувањето на мерките и непочитувањето ќе биде казнето.

Според Министерството за здравство и социјална заштита, во Австрија има 959 заразени лица со коронавирус, од кои шест се опоравиле, а две починале.