Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека некои земји од ЕУ имаат „тајни договори“ за вакцини против коронавирус.

Курц остро ја критикуваше ЕУ денес во врска со дистрибуцијата на вакцини против коронавирусот, тврдејќи дека таа не се одвива според договорениот клуч, односно врз основа на бројот на жители. Курц на прес-конференција рече дека дозите на вакцини се дистрибуираат поинаку во ЕУ.

Тој смета дека зад тоа стојат посебни договори на некои членки со фармацевтски компании. Додека Австрија е на средина на списокот во дистрибуција на вакцини, земји како Бугарија, како што вели, се во неповолна позиција.

Според Курц, доколку продолжи тој тренд, тие земји би можеле да спроведат целосна вакцинација само на крајот на летото или есента. Другите земји, додава тој, ќе бидат готови во мај.

Како пример, Курц ја наведе Малта, која ќе добие три пати повеќе дози од Бугарија до крајот на јуни, а Холандија двојно повеќе од Хрватска.

Како причина, Курц ги наведе дополнителните преговори во управниот комитет на ЕУ. Таму, како што вели, ситуацијата била како на пазар, биле склучувани договори меѓу земјите членки и фармацевтски компании.

Во врска со проблемот со вакцината на „Астразенекa“, Курц најави дека детално ќе се испитаат сите случаи. Тој посочи дека досега ниту еден смртен случај не може да биде поврзан со вакцината. Тој во врска со тоа најави дека ќе се вакцинира со вакцината на „Астразенекa“.