Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска изјави дека за една недела очекува бројот на заразени од коронавирус во Австрија да надмине 10.000.

Говорејќи во Долниот дом на австрискиот парламент, Курц рече дека во моментов има повеќе од 300 заразени и дека здравствените власти очекуваат за неколку дена границата да надмине 1.000 инфицирани, за по околу една недела од сега да достигне и 10.000.

Курц рече дека владата презела драстични мерки за да го одложи врвот на инфекцијата oд коронавирусот, за тој да не се поклопи со сезоната на грип.

Меѓу нив, рече тој, беше и укинувањето на наставата во универзитетите, училиштата, но и забраната за големи манифестации.

– Овие мерки беа преземени во фаза кога сè уште има смисла за тоа – истакна Курц.

– Не е можно да се запре вирусот, но можеме да го забавиме неговото ширење, така што тој одеднаш да не го оптовари капацитетот на земјата – објасни австрискиот канцелар.