Медицински лица од Куба заминуваат во Италија да помогнат во справувањето со пандемијата на новиот коронавирус, ковид-19

Куба ги мобилизираше здравствените работници со цел да помогне во борбата против коронавирусот благодарение на „чудотворниот лек“ што е популарен назив за Интерферон Алфа-2Б Рекомбинант (IFNrec), создаден од кубанските и кинески научници, пренесува „Њузвик“. 

Активен во Кина од јануари, кубанскиот медицински тим го распоространи „спасот“ низ неколку земји зафатени од вирусот. Куба ги употребува интерферон-технологиите долго време во борбата против треската денга, ХИВ, папиломавирус, хепатит Б и Ц. 

– Употребата на лекот спречува влошување на состојбата и компликации кај пациентите – вели кубанскиот експерт за биотехника, Јуиз Херера Мартинез. 

Според информациите на Хелен Јафе, авторка на книгата „Ние сме Куба“, 15 земји стапиле во контакт со Куба за да го набават чудотворниот лек, спротивно на санкциите наметнати од САД. Лекот, заедно со 30 други лекарства, е избран како средство за лекување на ковид-19 од страна на националната комисија за здравство на Кина.

Јафе објаснува дека една мала земја во Карибите, која со векови била колонизирана, а потоа подложена на санкции од САД, има толку многу да понуди на светот.

Кубанските доктори работат во 59 земји ширум светот, во кои 37 се погодени од пандемијата, а кубанскиот здравствен сектор е високо развиен благодарение на револуцијата на Фидел Кастро, која во средината на минатиот век ја постави Куба во средиштето на геополитиката на Студената војна.

– Здравјето е од највисоко значење за Куба, и ние го браниме правото на сите луѓе да добијат соодветна медицинска нега. Затоа, солидарноста е клучен принцип на Куба и нашите граѓани од револуцијата до денес – соопшти кубанското Министерство за надворешни работи. 

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара меѓународна помош, но одби да ги олесни санкциите кон Куба и покрај барањата од страна на Обединетите Нации. САД одбија помош од Куба и во минатото, за време на катастрофите предизвикани од ураганот „Катрина“.