Освен сѐ почестите измами при набавка на медицинска опрема, и платформата Зум, која во последно време особено е популарна меѓу учениците во Македонија за следење онлајн-настава, почна да се користи за кражба на податоци

Европол алармира поради зголемен број измами

Незапаметената глобална криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот очигледно добро им дојде на криминалците, кои и својот начин на работење и го приспособија на новонастанатата ситуација. Измамниците и крадците сега се преселија на интернет и на социјалните мрежи, а големата побарувачка за медицинска опрема и препарати стана плодна почва за измами.
И не само измамите со медицинска опрема, за кражба на податоци се користи и платформата Зум, која во последно време особено е популарна меѓу учениците во Македонија за следење онлајн-настава, поради што експертите препорачуваат да не се користи.

Токму во својот најнов извештај, Европол напоменува дека владите во земјите низ Европа вложуваат огромни напори во борбата против глобалното ширење на коронавирусот, преземајќи различни мерки, но криминалците не мируваат и се адаптираат на новите состојби.
– Иако многу луѓе се залагаат за борба против оваа криза и помагање на жртвите, постојат и криминалци што брзо ја искористија можноста да извлечат некаква полза од кризата. Тоа е неприфатливо, такви криминални активности за време на здравствената криза се особени заканувачки и можат да носат вистински ризици по човечките животи. Затоа повеќе од кога било е важно да се засили борбата против криминалот – изјави Кетрин де Боле, извршна директорка на Европол.
Според податоците на оваа организација, само меѓу 3 и 30 март оваа година органите на редот низ светот заплениле преку 34.000 фалсификувани хируршки маски, во рамките на операцијата „Пангеа“, поддржана токму од Европол.
И во Македонија многу граѓани се пожалија дека биле измамени купувајќи преку интернет.

– Порачав сет маски преку интернет-страница, но она што го добив воопшто не одговараше на производот што беше претставен. Се обидов преку телефон да исконтактирам со компанијата од каде што ги купив маските, но воопшто не можев да ги добијам – вели Ѓоко Димов од Скопје.
Од Организацијата на потрошувачите на Македонија, за „Нова Македонија“ потврдија дека има многу вакви измами, истовремено апелирајќи да се купува исклучиво од проверени компании.
– Апелираме граѓаните да купуваат од проверени компании, каде што стои адреса и телефон за евентуална рекламација. Уште еднаш преку вашиот весник сакаме да ги алармираме потрошувачите да внимаваат што и од каде нарачуваат – порачуваат од ОПМ.

Освен измамите со фалсификувана медицинска опрема и препарати преку интернет, криминалците почнаа да ги користат и комуникациските платформи за да украдат податоци од корисниците.
– Моето дете од неодамна почна да ја користи платформата Зум за конференциски видео врски со соучениците, како замена за наставата во училиште. Сега слушам дека од оваа платформа се краделе разни податоци. Навистина сум загрижена – вели Весна Стојановска, мајка на основец.
Повеќе светски експерти неодамна изјавија дека користењето на платформата Зум е небезбедно, поради нарушување на приватноста на корисниците и можна кражба на податоци, кои подоцна може да се искористат за други криминални дејства преку интернет.

Провајдерите со кои се консултиравме, велат дека криминалците преку интернет користат разни можности да заработат, почнувајќи од измами преку продажба на разни фалсификувани производи, до кражби на податоци, кои подоцна ги користат за влез во туѓи банкарски сметки.
Тие препорачуваат инсталирање на различни заштитни антивирусни програми, кои ќе ја намалат можноста за кражба на податоци, но и ќе го редуцираат бројот на интернет-страници со сомнителни адреси.
– При извршувањето на деловните активности онлајн, секојдневно сме изложени на интернет-закани, кои можат да му нанесат трајна штета на бизнисот. Оттука се неопходни и услугите за безбедно користење на интернетот – истакнуваат компаниите, кои нудат услуги во делот на заштитата на интернет.