Карикатура: „Нова Македонија“

Коронавирусот ја дигна температурата и на дебатите за
постковид-уредувањето на светот

Пандемијата на коронавирусот што го зафати светот отвори многу прашања, од кои повеќето немаат допирни точки со медицината. Но токму тие прашања, односно одговори за новиот постковид-свет, за новиот глобален распоред на силите, за новите сфери на влијание, се најдоа во фокусот на интересот на пошироката јавност. Во таква ситуација, големиот број теоретичари на геостратегијата укажуваат на одредени сигнали што можеби не се доволно јасни за пошироката јавност, но ако се протолкуваат одредени индикатори на вистинскиот начин, се добива доволно јасна слика за она што е пред нас.

Нови билатерални меѓудржавни односи на пријателство

Конкретна причина за тоа е пандемијата. Познато е дека Кина беше прва на ударот на пандемијата. Но малку е објаснето во јавноста кој придонесе во процесот на совладување на самиот вирус. Имено, значајна улога одигра кубанскиот лек рекомбинант интерферон алфа 2Б (ИФНрец). Токму затоа кинескиот претседател Си Џинпинг на 28 февруари му се заблагодари на својот кубански колега Мигуел Дијаз-Канел. Малкумина ѝ го пренесоа на пошироката јавност гестот на кинескиот претседател. Западните медиуми, едноставно, го премолчеа овој факт.

Познавачите на состојбите го толкуваат ваквиот однос на западните медиуми, односно на големите западни новински агенции, како начин на игнорирање на новите релации и поврзувања на глобално ниво. Иако во секојдневниот говор сакаме да кажеме дека живееме во „глобално село“, повикувајќи се на Маршал Меклуан, и во овој случај се потврди дека сме информирани само за она што некој сака да бидеме информирани. Се разбира, не случајно, бидејќи ваквата ситуација обилно ја користат моќните западни лаборатории.

Дали е повторно во игра опскурен бизнис?

Оние со подобро паметење ваквата состојба ја споредуваат со онаа од осумдесеттите години на минатиот век, кога болеста првично препознаена како геј-пневмонија, во 1983 година беше идентификувана како сида, а која предизвика вистински помор во хомосексуалните кругови на Сан Франциско и Њујорк. По појавата на вирусот во Европа, тогашниот француски премиер Лоран Фабиус ја одложи употребата на американскиот дијагностички тест, со што му даде време на институтот „Пастер“ да развие и да патентира сопствен. Таквиот потег беше толкуван како желба да се заштитат националните интереси, но набргу излегоа на површина јасни индиции дека тоа е само вовед за лансирање на неверојатно профитабилниот лекарско-фармацевтски бизнис, од кој профитираа само малкумина, а трошоците на истражувањата и лекувањето ги плати заедницата. Непотребно изгубеното време што беше потрошено да се придвижи целиот овој смислен бизнис чекор, со глава го платија илјадници заболени од сида.

Ковид-19 во секој случај ќе биде искористен како адут во геополитичката игра

Имајќи ја предвид ваквата споредба, ако се вратиме повторно во денешно време, ќе ни стане појасно зошто многумина сакаат да ја протолкуваат актуелната ситуација со коронавирусот како дел од една голема геополитичка игра. Во прилог на ваквото тврдење оди „епидемијата“ на хистерија што е карактеристична за европската короновирусна криза, а која се манифестира во обидите да се менаџира новата опасност што се надви над Стариот Континент.
По сето ова, многумина теоретичари што ги поддржуваат ваквите теории, го поставуваат за нив клучното прашање: „Каков свет ќе здогледаме по излегувањето од европскиот карантин?“

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тие сметаат дека по завршување на кризата, светот би можел да изгледа драстично изменето, со прстот силно укажувајќи на Европската Унија дека непримерно реагирала на пандемијата. Наместо да се бори против заразата (генерализација на тестови, лекување на заразените со хлорокин, лекување на смртоносниот облик на болеста со приклучување на болниот на респиратор и третирање со рекомбинант интерферон алфа 2Б), таа се фокусира на пренатрупаноста во своите болници. Бидејќи не беа навреме опремени и подготвени за здравствената криза, иако нејзиното доаѓање беше еминентно и евидентно, европските водачи го ставија во куќен притвор своето здраво население.

Политичкото управување со здравствената криза целосно ѝ го препуштија на науката, односно на техниката на вечни научни расправи, кои на политиката ѝ служат само ако таа не е способна брзо да извлече заклучоци заради преземање итни, рационални политички акции. Што е невозможно во ЕУ, во која, под маската на братството и единството (нешто што ни е нам сѐ уште свежо во сеќавањето), владеат нездрави односи. Затоа и европските лидери, наместо лекување на тие нездрави односи, заедно со здравото население, во карантин го ставија и она што беше релативно здраво во европското стопанство. Европската централна банка веќе најавува рецесија од 5 проценти ако ваквата ситуација продолжи во идните две недели, а веројатно ќе се работи за застој од шест недели.

(Не)основани теории

Од сето погоре изнесено, станува поразбирливо зошто се појавуваат теориите кои актуелната криза со коронавирусот ја гледаат со поинакви очи. И зошто во нив се тврди дека кога ќе стивне епидемијата светот може да биде организиран на сосема поинаков начин, во кој Европа нема веќе да биде голема економска сила. Во најцрните теории, може да се најде дури и сосема надвор од големите економски играчи на мапата.