Корона-пандемијата тест за бракот и партнерствата

Секојдневието на ковид-19 што го живее светот, излегува дека е вистински предизвик и голем стрес-тест за партнерите, за брачните другари. Дека е така, пренесува и „Њујорк тајмс“, кој се повикува на едно истражување спроведено по ураганот Хуго во Северна Каролина. Резултатите покажале дека повеќе парови во разурнатите окрузи се развеле следната година. Но, исто така, повеќе луѓе и се венчале, а имало и пораст на новородените деца. Овој ураган предизвикал вистинско емоционално движење во сите правци, се вели во истражувањето. Денес, светот живее криза со многу поголема магнитуда. Пандемијата на коронавирусот ги принудува луѓето да се спротивстават не само на вообичаените тензии на катастрофата, кои се финансиски и логистички, туку тука е и борбата со чувството на страв.

Да се живее со сево ова што се случува глобално, значи да се толерира неизвесноста, особено сега бидејќи сите чекаме да видиме уште колку случаи има, колку ќе бидат преплавени болниците и какви ќе бидат последиците од економски аспект. Партнерите, дури и оние што се долго време заедно, имаат многу различни стилови на лично справување кога станува збор за ваква неизвесност. Што може да предизвика оваа ситуација? Во време на карантин, кога паровите се постојано дома, постои ли реално шанса да се изменаџираат паниката и стресот, за да се одржи здрава релација меѓу партнерите? За сите овие прашања, „Нова Македонија“ поразговара со м-р Ивана Хаџиванова, психолог, психотерапевтка и основачка на „Неокортекс“, центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација.

– Стравот, стресот и паниката, кои се присутни периодов, влијаат на сите нас и ни ја менуваат личната, но и партнерската и семејната динамика. Се согласувам дека пандемијата може да биде тест за партнерството и бракот, и реакциите на луѓето ќе одат кон двата екстрема. Изолацијата во домот за некои парови ќе биде добредојдена, како една спротивност од претходното брзо темпо на живеење и долгочасовно работење. Луѓето ќе можат да се видат и, минувајќи повеќе време заедно, да ги зацврстат својата релацијата и блискост. Самата стресна ситуација прави некои партнерства и семејства да се фузираат повеќе, барајќи поткрепа, заштита и сигурност едни од други – вели Хаџиванова.
Но што за едни е благослов, за други е казна. Овој период може да биде и извор на огромни фрустрации и конфликти, особено кај партнерите што имаат премногу различни стилови на справување со стресот.

– Ако едниот партнер има тенденција да се однесува проактивно, а другиот премногу пасивно, потценувајќи ја ситуацијата, дефинитивно тоа може да биде тешкотија и причина за конфликт. Притоа, ако истото тоа е засилено од принуденоста на себеизолација во ист простор, кога не е достапна варијантата еден да излезе надвор за растоварување од настаната тензија. Ексцитираноста и дисфоричноста кај луѓето периодов, преполнетоста со најразлична мешавина од чувства одеднаш, како страв, тага, збунетост и лутина, предизвикува, доколку истите тие не се катарзираат на адаптивен и здрав начин, да бидат како бомба упатени и преместени кон тој што им е најблиску, а тоа се партнерот или/и детето – појаснува таа.
Во однос на приновите што може да ги очекуваме, потребата од сигурност и блискост ќе ја зголеми и интимноста кај дел од паровите, додека кај некои ќе ја згасне, вели Хаџиванова.

– Зголемување на сексуалната интимност, како механизам за растоварување од стресот и како одбрана од стравот од смрт, покрај потребата од блискост и израз на љубов, се познати човекови феномени и реакции, типични за периоди на интензивен стрес. Може да очекуваме и предлози за брак, поради зближувањето, но и ескалацијата на емоционалноста кај луѓето, а тоа е уште еден од феномените што се јавуваат при доживување природни катастрофи и животозагрозувачки случувања минати заедно – вели психологот.
Таа советува дека партнерите мора да покажат емпатија и меѓусебно да си ги прифатат различните начини на справување со стресот. Треба меѓусебно да се разберат, да си помогнат, да се поддржат.
– Сите не ги искажуваме емоциите на ист начин и сите немаме исти реакции и психолошки одбрани. Некој ќе ги празни емоциите од себе со голема вербализација, а некој, пак, премногу ќе се замолчи, а тоа се две целосно различни реакции. Начините на реагирање имаат комплексна заднина, влечат корени од примарното семејство, од претходни трауми, зависат и од темпераментот и карактерот на една личност.

Треба да се најде компромис, да се дојде до средината. Или, да се искористат позитивните делови од реакциите на двата партнера, не значи дека се погрешни. Особено за вакви ситуации, кои се за сите нови, а за многу преплавувачки. Комуникацијата, секако, треба да се задржи и секој да се контролира и лично себеси. Во однос на изборот за темите, пожелно е тие да бидат позитивни, релаксирачки со намера за тргање на фокусот од актуелното случување, секако дека не треба да се зборува за пандемијата како тема постојано – советува Хаџиванова.

Најпрепорачливо е сите луѓе сега да применуваат психолошки техники, активности и разни начини за одвлекување на вниманието за растоварување од стресот.
– И возрасните и децата треба да ги применуваат. Добар и редовен сон, здрава исхрана и создавање и адаптација на нова рутина, ќе влијаат позитивно на психолошката состојба. Физичката активност во домот треба да е задолжителен дел за секого, препорачувам движење, наспроти пасивизација и опседнување со телефоните и социјалните мрежи. Хуморот не смее да се заборави, тој е одлична психолошка одбрана и заедно со оптимизмот треба да се негуваат. Агресивноста и зборувањето на висок тон, секако, како и при нормални услови се честа причина за конфликт. Затоа е важно партнерите да се понежни еден спрема друг, за време на целата оваа криза. Толеранцијата и трпението сега се многу потребни – порачува таа.