Фото: Игор Бансколиев

Студија на Институтот за општествени и економски истражувања при Универзитетот во Есекс

Не е само борбата за откривање вакцина тоа што ги измачува експертите, туку големи напори и средства се трошат секојдневно за да се откријат сите негативни ефекти што ги остава коронавирусот врз луѓето. Менталните проблеми предизвикани од корона-кризата сѐ повеќе избиваат при врвот на агендата на индивидуалните проблеми со кои се соочува пошироката популација. Резултатите на едно истражување со родови импликации открива интересни резултати, односно дека многу повеќе жени отколку мажи се соочуваат со ментални проблеми што се развиле како последица од пандемијата на коронавирусот, бидејќи потешко ги поднесуваат мерките на изолација воведени за да се совлада ковид-19

Пандемијата на коронавирусот сериозно го потресува светот и ги стави не само лекарите туку и научниците од најразлични области пред големиот предизвик – да се обидат да го најдат лекот за оваа најголема закана за човештвото во овој век. Но не е само борбата за откривање вакцина тоа што ги измачува експертите, туку големи напори и средства се трошат секојдневно за да се откријат сите негативни ефекти што ги остава коронавирусот врз луѓето.

Во тие рамки, интересно е да се разгледа студијата на научниците од Институтот за општествени и економски истражувања при Универзитетот во Есекс, економистите Лиса Спантиг и Бен Етериџ. Тие, врз основа на онлајн спроведена анкета, заклучиле дека жените имаат поголеми тешкотии отколку мажите да ја издржат социјалната изолација, која е воведена како дел од карантинските мерки. Нивната студија притоа открила дека бројот на луѓето што имаат најмалку едно сериозно ментално нарушување, по карантинските мерки се зголемил и кај двата пола, пишува „Гардијан“.

Кај мажите, процентот на оние со еден потежок психички проблем е покачен од седум проценти на 18 отсто, додека кај жените од 11 отсто на 27 отсто. Студиите што биле спроведени во Соединетите Американски Држави и во Велика Британија за време на карантинот, укажуваат на пад на чувството за благосостојба и кај мажите и кај жените. Економскиот фактор е наведен како главна причина поради која повеќе жени отколку мажи одговориле дека нивното ментално здравје е под влијание на пандемијата.

– Но истражувањата покажале дека жените „го извлекле пократкиот крај од сламката“ од разните области. На пример, во повеќето случаи тие го изгубиле работното место – истакна Етериџ.

Меѓу другите фактори што го намалуваат чувството на благосостојба кај жените е недостигот од време за физичка активност, но и фактот дека жените имаат повеќе работа да се грижат за децата, како и тоа дека им се зголемиле обемот и интензитетот на домашните работи. Но Етериџ истакнува дека најновите истражувања покажуваат дека женската популација е најпогодена од недостигот од социјални односи.

– Жените обично имаат повеќе поблиски пријатели и пријателки. До неодамна, забраната за гледање на саканите лица надвор од сопственото домаќинство кај жените резултира со намалување на чувството за ментална благосостојба – рече Етериџ.
Повеќе од една третина од испитаниците во студијата, или 34 отсто, изјавиле дека повремено се чувствуваат осамени за време на карантинот, а 11 отсто истакнале дека честопати се чувствуваат осамени. Кај мажите, 23 отсто одговориле на истото прашање дека повремено се чувствуваат осамено, а само 6 отсто рекле дека честопати се чувствуваат осамени.

Истражувањето се заснова на комуникација преку интернет со лица што учествувале во една студија, која била спроведена во британските домаќинства, а целта е да им овозможи на научниците да ја следат менталната состојба на Британците за време на карантинот. Резултатите од истражувањето за тоа како луѓето се борат со изолацијата за време на пандемијата со коронавирусот се „засилени“ со податоци од веб-страниците. Резултатите од анализата на трендовите на Гугл открија дека бројот на пребарувања за изрази како „осаменост“, „загриженост“ и „тага“ се зголемил во многу земји низ светот.

Исто така, Етериџ истакна и дека последиците од „корона-кризата“, во просек, имаат најголемо влијание врз менталното здравје на помладите жени под 30-годишна возраст и дека мажите на возраст меѓу 50 и 69 години се најмалку погодени од изолацијата и од карантинот.