Следбениците на Исламската држава (ИД) треба да се држат што подалеку од „земјата на епидемијата“ се порачува во последното соопштение на терористичката организација, објавува „Политико“. Тоа се разликуваше од вообичаените објави на ИД кои повикуваат на извршување на напади врз Западот.

Згора, во објавата се наведува листа на препораки за терористите за избегнување на ширењето на пандемијата. Членовите на ИД се советувани да „имаат верба во бога и од него да бараат спас од болеста“, но и да „ја прекријат устата кога се проѕеваат и киваат“. 

На оние што сметаат дека можеби веќе се заразени им се препорачува да се држат подалеку од областите под контрола на ИД со цел да го сочуваат здравјето на другите и да ја исполнат „светата должност на заштита од болеста“.

Публикацијата на ИД „ал Наба“ известува за ширењето на заразата од почетокот на годинава кога првпат пишуваше за „новиот вирус што шири страв и трепет во Кина“. Во минатите изданија на „ал Наба“ се изразуваше загриженост за муслиманското малцинство во Кина, Ујгурите, додека сега пандемијата се опишува како глобален проблем.

Досега се забележани само неколку случаи во африканските држави во кои е активна терористичката организација. Но пријавени се бројни случаи во држави кои ИД ги смета за дел од нејзиниот Калифат, вклучувајќи ги Авганистан, Алжир, Египет, Индија, Индонезија, Ирак и Филипините.