Смртта на еден затвореник, за кој постои сомнеж дека бил заразен со коронавирус, предизвика немири во четирите најголеми затвори во регионот Кочабамба во Боливија.

Затворениците бараат медицинска помош и лекови, со цел да спречат нови смртни случаи од ковид-19, пишува „Ројтерс“.

Локалните медиуми објавија фотографии и видеа на кои се гледа како затворениците се качуваат на покривите на затворот, барајќи лекови и пристап до медицинска помош.

Бранителот на правата на граѓаните во Кочабамба, Нелсон Кокс, ги повика екипите на лекарите да направат проценки за состојбата во затворот за да спречат нови смртни случаи.

Кокс рече дека осум затвореници починале како последица на ковид-19 досега, предизвикувајќи загриженост за ширење на вирусот во затворите.

Властите досега пријавиле повеќе од 60 смртни случаи како резултат на инфекцијата со коронавирус во казнените домови низ цела Боливија, кои биле преполни.

Во последните неколку месеци имало повеќе смртни случаи за кои постои сомнение дека биле предизвикани од коронавирусот, но овие сомневања не се потврдени, заради скромниот капацитет за тестирање во оваа земја.