Ќе биде потребна нова конвенција за ЕУ погодна за 21 век. Таа треба да биде институционално, општествено и економски стабилна, како и стратегиски автономна. Учеството во ваквиот потфат не е само за постигнување на националните цели на членките туку и за спроведување на визијата. Како таква таа треба да се ограничи на оние што не само што имаат капацитети туку и се подготвени да се справат со предизвиците

Пет суштински предизвици со кои мора да се соочи ЕУ

Одговорот на Европската комисија во справувањето со коронавирусот се соочува со најмалку пет суштински предизвици, кои нудат значајни можности за Европа, според Ана Дијамантопулу, претседателката на ДИКТИО – мрежата за реформи во Грција и Европа и експертска група од Атина, како и поранешна европска комесарка, која се осврна на актуелната ситуација во нејзината колумна за Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР). Извесно е дека од водството на ЕУ се бараат единство и солидарност, кои во извесна мера отсуствуваа во досегашното справување со пандемијата, како и потребата за нивно дејствување како европски државници, наместо како претставници на сопствените држави. Јасно е и дека Северот на Европа не може да излезе како победник од кризата, која треба да се сфати како заедничка, доколку Југот биде оставен на цедило. ЕУ потоа ќе треба да изгради и стабилна надворешна политика за во иднина.

– Кога станав дел од Европската комисија, првото правило што го научив се поврзува со мантрата дека „државата најдобро знае“. Кога сте во служба на институциите на Европската Унија (ЕУ), нужно е да верувате дека најважен е интересот на Унијата како целина и дека треба според истиот тој да се дејствува. Политичката акција се потпира на цврстото верување дека националните интереси треба да бидат вклучени во заедничкото европско добро. Ова важи во сите околности, вклучувајќи ја втората фаза од кризата со која Европа се соочува поради пандемијата. Северна Европа не може да излезе од кризата како победник ако Југот е ранет. Ова е главната дилема што претседателката Урсула фон дер Лејен и членовите на нејзината комисија треба да ја решат. Дали тие ќе дејствуваат како политичари што потекнуваат од различни држави или како европски државници што ги потврдуваат единството, солидарноста и координацијата меѓу членките? Постојат најмалку пет суштински предизвици со кои тие мора да се соочат – пишува Дијамантопулу.

Прво, кризата е заедничка, а таков треба да биде и одговорот. Постои широк консензус во Европа дека кризата ниту е причинета од еден актер, ниту со неа се справувал друг што значи дека не може да се посочи виновник. Кризата беше предизвикана од надворешни фактори, а не од структурни проблеми или лошо управување од страна на поединечни европски членки. Пандемијата на ковид-19 ја покажа важноста на меѓународните организации во справувањето со меѓународните прашања.
Второ, Европа треба да обезбеди средства што се потребни за справување со кризата и тоа да го стори на секој можен начин. Европските политичари се согласни дека големи суми пари треба да се вложат во економиите на Европа како решение за пандемијата и за стабилизирање на состојбата. Сепак, уште од првиот момент, тие не се согласуваа со формата во која треба да се распределат овие пари.

Аргументот се заснова на тоа дали средствата треба да се распределат преку заеми или преку субвенции. Неодамнешната француско-германска иницијатива за фонд за обнова, како и предлогот на Комисијата за пакет од 750 милијарди евра, кои генерално се во форма на грантови финансирани преку заедничко издавање долгови, ќе одговорат на дилемата и ќе го претставуваат договорот од историска важност. Овие мерки ќе ги скршат табуата дека ЕУ го зголемила нејзиниот буџет без паралелен пораст на националните придонеси и ќе гарантира одредени видови долгови.
Трето, многу е потребно да се направи институционален чекор напред. Пресудата на германскиот уставен суд за Европската централна банка (ЕЦБ) на почетокот од мај претставуваше сложен проблем за ЕУ.

Сепак, важно е што големите германски политички фигури како канцеларката Ангела Меркел и министерот за финансии Олаф Шолц го фаворизираа продолжувањето на политиките на ЕЦБ, како и нејзината улога како монетарна заштита за Европа во време на криза. Истовремено, судската пресуда ја сигнализира потребата за политичарите да заземат цврст став за иднината на европскиот проект. Националните влади треба да одлучат дали ЕУ треба да води мултидимензионални интеграциски политики или да се занимава со понатамошно правно и политичко несогласување. Првиот избор може да резултира со силна и просперитетна унија, а вториот во унија што е осудена да стагнира и да заостанува зад остатокот од светот.

Четврто, стратегиската автономија е од клучно значење. Првата фаза од пандемијата покажа дека Европа мора да го заштити внатрешниот пазар. Ова значи дека ЕУ мора да дејствува против агресивните придобивки и нарушувањата на пазарот од азиските корпорации, кои добиваат државна помош. Овие феномени се штетни по европските индустрии и може да резултираат со понатамошен трансфер на индустриска активност во Азија. Тие исто така се закана Европа да стане позависна од другите пазари, дури за неопходните производи како лекови или медицинска и заштитна опрема. Затоа, Европа треба сериозно да ја сфати индустриската политика со тоа што ќе создаде рамка за јавни правила и ограничувања што ќе ги штитат европските индустрии, така што повеќе ќе се потпира на себе отколку на Кина.
Петто и последно, Европа треба да изработи стабилна надворешна политика за во иднина. САД се повлекуваат на геополитичката сцена додека Кина се подготвува за напад. Пандемијата најверојатно ќе доведе до значајни геополитички промени во многу региони, меѓу кои и на Блискиот Исток и во Северна Африка.

На пример, може да се случи нова мигрантска криза. Во тој случај, ЕУ треба да се подготви за оваа можност и да ги обнови и обедини нејзините надворешни, одбранбени и миграциски политики. Европските лидери не само што треба да ги спроведат краткорочните мерки како одговор на вирусот, туку и да исцртаат кохерентен план за создавање моќна и светски вклучена ЕУ, која ќе игра водечка улога во светската политика во ерата по коронавирусот.
За сево ова ќе биде потребна нова конвенција за ЕУ погодна за 21 век, која ќе биде институционално, општествено и економски стабилна, како и стратегиски автономна. Учеството во ваквиот потфат не е само за постигнување на националните цели на членките туку и за спроведување на визијата. Како таква таа треба да се ограничи на оние што не само што имаат капацитети туку и се подготвени да се справат со предизвиците. С.Н.М.