Коронавирусот создава ист страв и вознемиреност како тероризмот, но тој е резултат на природата, а не на човекот, и исто така бара друг одговор, како останувањето дома

Автор: Стивен Ерлангер

Њујорк тајмс

Коронавирусот создаде своја форма на терор. Го преврте наопаку секојдневниот живот, ја парализираше економијата и ги раздели луѓето. Го всади стравот од туѓото, непознатото и невидливото. Ги испразни улиците, рестораните и кафулињата. Предизвика речиси универзална агорафобија. Го запре воздушниот сообраќај и ги затвори границите. Резултираше со илјадници смртни случаи, а болниците работат како во време на војна и ги претвори во одделенија за тријажа. Луѓето одат до продавница со маски и ракавици како да одат во војна.

Актуелната чума лошо се одрази во Европа која претходно се соочи со терористички бранови кои постигнаа сличен резултат. Но вирусот предизвика поинаков страв, затоа што е невидлив, сеприсутен и нема јасен заклучок. Тој е резултат на природата, а не на човечкото дејствување или во име на некаква идеологија. Затоа бара и различен одговор. Луѓето бегаат од терористички бомби, а потоа маршираат за солидарност и отпор. Но кога конечно ќе заврши епидемијата, луѓето ќе почнат да излегуваат од дома како кртови.

– Луѓето повеќе се плашат од тероризмот отколку од возење автомобил – вели Питер Р. Њуман, професор по безбедносни студии на кралскиот колеџ во Лондон и основач на меѓународниот Центар за истражување на радикализацијата.

Повеќе луѓе гинат во сообраќајни несреќи или по пад во када, отколку од тероризам, но повеќе се стравува од него затоа што не може да се контролира.

Иако тероризмот значи убивање на луѓе, Њуман вели дека „најмногу се работи за манипулација на нашите идеи и пресметувањето на интересите“. Како што вели познатата изрека на Троцки, „целта на теророт е да тероризира“. Но тероризмот на коронавирусот е најстрашен, не само затоа што е масовно раширен, туку затоа што е отпорен на сите вообичаени одговори: следење, специјалци, двојни шпиони или убедувања.

– Вирусот е нешто непознато за нас, нешто што не можеме да го контролираме и се плашиме од него – вели Њуман.

И тоа со добра причина, затоа што уби повеќе Американци отколку што загинаа во терористичките напади од 11 септември, а трендот ќе продолжи и во блиска иднина.

– Постои разлика меѓу човечки и природни катастрофи. Луѓето обично повеќе се плашат од човечки закани, дури ако се помалку штетни – смета Томас Хегхамер, експерт по тероризам и истражувач на норвешкиот истражувачки центар за одбрана во Осло.

– Не знаете кога ќе се случи терористички напад или пандемија, па затоа го окупира вашиот живот. Со тероризмот повеќе сте загрижени дали сте некаде во толпа, митинг или спортски настан. Истото е со вирусот, толпата значи опасност – вели Џулијана Смит, поранешна советничка за безбедност на поранешниот потпретседател Џо Бајден, која сега работи во германскиот Маршалов фонд.

Џошуа А. Гелцер, поранешен директор за противтероризам во советот за национална безбедност, а сега професор по право на универзитетот Џорџтаун, вели дека тероризмот е страшен затоа што не бира.

– Терористите се потпираат на таа случајност, а во одредена смисла и вирусот така се однесува. Има способност да ги натера луѓето да мислат дека може и на нив да им се случи – вели Гелцер и додава дека потребен е друг менталитет за да се победи вирусот.

Потребен е и друг вид на солидарност. По терористичките напади од 11 септември, претседателот Џорџ Буш помладиот апелираше до Американците „да продолжат со животот, да летаат со авиони, да патуваат и да работат“. По терористичките напади на Шарли Ебдо и Батаклан во 2015 година, претседателот Франсоа Оланд истото го стори во Франција, водеше маршеви и јавни протести за да покаже отпор.

Но во случајот со вирусот и со тоа колку општества беа неподготвени, отпорноста сега се покажува со останување дома. За владите кои досега им апелираа на своите граѓани да бидат смирени во време на тероризам, сега е тешко да научат како да ги исплашат луѓето, за да реагираат за општо добро. Исто така, тешко ќе им биде да ги приспособат безбедносните структури во справувањето со заканите кои не одговараат на зголемени воени трошоци и шпионажа.

Долго време за второстепени ги сметаа аналитичарите кои работеа на „помеки“ закани, како здравството и климата. Њуман вели дека „безбедносниот сектор секогаш ги потценувал, но сега нема да биде повеќе така“.

Потоа ќе следуваат нови закани, односно загриженост за економски колапс, масовен долг и општествен хаос. Многумина стравуваат од влијанието на ниските цени на нафтата во арапските и заливските држави и како ќе се исплаќаат плати во државната администрација и војската, а камоли со субвенции за леб. Дури и Исламската држава ги предупреди своите поддржувачи дека „здравите не треба да патуваат во ризични земји, а заразените да останат таму каде што се“.

Превод: Билјана Здравковска