Новиот бран инфекции во Кина, кој според истражувањата очигледно е предизвикан од мутираниот коронавирус, не е причина за паника. Со мутацијата, САРС КоВ-2, вирусот што всади страв во светот, наскоро би можел да стане обична настинка

Охрабрувачки вести од новите истражувања за САРС КоВ-2

Развојот на ефективна вакцина или лек против нов вид коронавирус е комплициран, токму затоа што вирусот постојано се менува. За околу половина година од избувнувањето на пандемијата, научниците регистрирале 100 различни мутации од САРС КоВ-2 низ светот, регистрира „Дојче веле“.
Ваквите промени се нормални бидејќи генетската структура на вирусот се менува и се појавуваат нови подвидови. Карактеристиките на вирусот исто така можат да се променат. Последиците би можеле да бидат слабеење на оригиналниот вирус, но и тој да стане поагресивен.
Различните варијанти исто така потврдуваат зошто еден причинител на болеста во одреден регион на светот предизвикува бранови на инфекција со различна тежина и зошто луѓето реагираат различно на инфекцијата.

Нова варијанта на патогенот во Кина

Кина е земјата од која потекнува вирусот, всушност таа успеа да го стави под контрола коронавирусот САРС-КоВ-2 со решителни ограничување на движењето. Во последните неколку недели, тестирани се само лица што се вратиле од странство.
Неодамна, во некои кинески провинции повторно се регистрирани нови инфекции, но овој пат е јасно дека тие потекнуваат од Кина.
Во исто време, направените први тестови покажале дека новата варијанта на патогенот циркулира во Кина. „Вирусот САРС-КоВ-2, што е пронајден во Пекинг, малку се разликува од оној што претходно ја погоди Кина“, изјави Зенг Гуанг, епидемиолог на кинеската здравствена служба за „Глобал тајмс“. Резултатите сега треба да се споредат со анализите од другите земји за да може да се следи линијата на потекло на патогенот.

Експресно следење на кинеските власти

Тековната трага од вирусот ги однесе здравствените власти во Кина буквално до даските на кои е филетиран увезениот лосос, на пазарот на големо Синфади, во Пекинг. Но сѐ уште не е познато од каде потекнува лососот, со оглед дека Кина ја увезува оваа риба од Норвешка, Чиле, Австралија, Канада и од Фарските Острови.
Но многу е изненадувачки вирусот од лососот да се шири кај луѓето. Досега е откриено дека опасноста од пренесувањето е најголемо кога станува збор за цицачи како што се коњи, овци, зајаци или мачки. Кога станува збор за влечуги, риби или птици, ризикот од пренесување е, според претходните студии, многу мал.
Но сепак, пазарот на големо Синфади беше затворен поради превентивни причини. Околу 10.000 трговци и вработени ќе бидат тестирани што е можно поскоро од вирусот САРС-КоВ-2
Во јужен Пекинг се блокирани неколку станбени блокови, исто така и училиштата и градинките се затворени. Планираното отворање на училишта во Пекинг е одложено, откажани се сите спортски натпревари и групни патувања во други провинции.

Мутациите се грешки во „копирањето“ на вирусот

За да се размножат, вирусите користат клетки домаќини. Кога вирусите го напаѓаат домаќинот, тие од јадрото ослободуваат генетски информации во заразената клетка. На овој начин, клетките на телото репродуцираат милиони копии на вирусот. Меѓутоа, во такви репродукции се случуваат грешки во копирањето и секоја грешка го менува и генетскиот код на вирусот – мутира.
Каде и како новиот коронавирус САРС-КоВ-2 првпат е пренесен кај луѓето, досега сѐ уште не е објаснето. Научниците засега тргнуваат од тоа дека вирусот потекнува од кинескиот град Вухан. Се претпоставува дека протеинот со кој вирусот се врзува за клетките веќе мутирал кај животните и се одомаќинил; можеби кај лилјакот или, пак, кај некој вид школки. Во секој случај, оваа мутација овозможила вирусот да се пренесе во човековите клетки.
Човековото тело во принцип самостојно се брани од вакви вируси. Тоа произведува антитела што го штитат од вируси и го прават имун на патогени што предизвикуваат болести. Но ако патогенот мутира, а антителата се програмирани на постара верзија на патогенот, тогаш антителата се помалку ефикасни. Од истата причина, редовно добиваме настинка. Затоа што нашите тела веќе создадоа антитела кај претходната, но немаме нови антитела за нова мутација на патогенот.

Мутации можат значително да го ослабат вирусот

Многу нешта сугерираат дека новиот бран инфекции во Кина е поврзан со мутираниот вирус, но овој пат симптомите се развиваат побавно. Нема причина за паника, бидејќи мутацијата не мора да го направи вирусот поопасен. Некои мутации дури можат значително да го ослабат вирусот.
Кристијан Дростен од берлинската болница „Карите“ позитивно ја гледа мутацијата. Новиот вирус на тој начин „се репродуцира уште подобро во носот и уште подобро се пренесува“, рече вирусологот, притоа укажувајќи на најновите истражувања. Со мутацијата, која првенствено влијае на носната област, вирусот би можел да се размножува подобро, „што доведува до тоа епидемијата навистина да ослабне со текот на времето“, истакна Дростен.

Исто така, вирусот може да ги нападне белите дробови, при што лицето би се чувствувал поболно, и затоа останува дома, па со тоа го спречува ширењето на вирусот. Еден вирус дури може да биде толку ослабен со мутација што на крајот целосно исчезнува, како што беше случајот со патогенот САРС-КоВ во 2003 година.
Во ноември 2002 година, првата епидемија на вирусот САРС од Јужна Кина се прошири на сите континенти за само неколку недели. Тоа е прва пандемија во 21 век, која предизвика голем страв кај населението. Иако вирусот предизвика сериозен акутен респираторен синдром (САРС), само 774 лица починаа од него за околу половина година.
Во летото 2003 година, бројот на новозаразени лица постојано опаѓаше. Во мај 2004 година, Светската здравствена организација објави дека е надмината пандемијата на САРС, пренесува „Дојче веле“.

(Во подготовката на овој текст се користени материјали на „Дојче веле“)