Околу 20 француски морнари од скоро 700 заразени со коронавирус од носачот на авиони „Шарл де Гол“ се наоѓаат во болница, изјави портпаролот на француската морнарица.

– Во болница моментно има 20. Еден е во одделот за реанимација, но е во стабилна состојба – рече портпаролот Ерик Лавало, во изјава за радио, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Од 1.767 тестирани морнари, 668 се позитивни за коронавирусот.

Францускиот носач на авиони, кој неодамна учествуваше на вежби со северноевропската морнарица во Балтичкото Море, пристигна во францускиот град Тулон две недели порано, откако околу 40 членови на екипажот покажале симптоми на вирусот.

„Шарл де Гол“ е вториот носач на авиони во светот што официјално потврди присуството на корона меѓу екипажот, по американскиот носач на авиони „Теодор Рузвелт“.

Шефот на француската морнарица нареди истрага за случајот, се вели во соопштение на Министерството.