Италија и Јужна Кореја отприлика во исто време се соочија со појавата на коронавирусот, но во тие земји ситуацијата денес е сосема различна. Засега сè уште не е јасно кои се причините за тоа иако постојат неколку индиции.

Милиони луѓе во Италија се во карантин, а починаа повеќе од 800. Во Јужна Кореја во карантин се неколку илјади луѓе, а 67 починале. Како што вирусот се шири во светот, ситуацијата во овие две земји одлично илустрира каков ќе биде проблемот за државите кои се борат со нагло зголемување на бројот на заразени.

Тестирањето на секој потенцијален пациент не е практично, но ако властите не пронајдат начин да утврдат колку има земено замав заразата, најдобар одговор е канрантинот.

Италија на почетокот спроведуваше многу тестирања, но потоа го намали фокусот така што сега не мора да се обработуваат илјадници примероци. Сега, со ограничувањето на движењето земјата се обидува да спречи ширење на заразата.

На илјадници километри оддалеченост, властите во Јужна Кореја на поинаков начин одговорија на болеста. Тестираат стотици илјади луѓе и ги пратат потенцијалните носители преку мобилен телефон и сателитска технологија.

Двете земји ги регистрираа првите случаи на ковид-19 кон крајот на јануари. Оттогаш Јужна Кореја објави 67 смртни случаи и скоро 8.000 заразени лица откако тестирала повеќе од 222.000 луѓе.

Италија има 827 мртви и идентификувани повеќе од 12.000 заразени откако изврши повеќе од 73.000 тестови на неоткриен број на луѓе.

Агресивното и континуирано тестирање е моќна алатка во борбата против вирусот

Епидемиолозите велат дека овие бројки не можат директно да се споредат. Но, некои велат дека толкавата голема разлика упатува на важен заклучок, а тоа е дека агресивното и континуирано тестирање е моќна алатка во борбата против вирусот.

– Опсежното тестирање може да им даде на властите подобра слика за обемот на епидемијата. Не ми се допаѓаат присилните ограничувања на движењето во вид на карантин. Кина го стори тоа, но Кина може да го стори тоа. Кина има жители кои ќе го почитуваат тоа – вели Џереми Кониндик од Центарот за глобален развој во Вашингтон. Кога тестирањето е ограничено, властите мора да преземат порешителни активности за да го ограничат движењето на луѓето.

Примерите на Италија и Јужна Кореја се корисни за земји како што се САД, кои имаат проблем да воспостават систем на тестирање и заостануваат неколку недели кога станува збор за ширење на заразата.

Засега, размерите на проблемот во Јапонија и САД сè уште не се видливи.

Германија исто така не спроведува опсежно тестирање, но канцеларката Ангела Меркел вчера ги предупреди сограѓаните дека единствената опција е изолацијата бидејќи веројатно 60 до 70 отсто од населението ќе биде заразено со ковид-19.

Јужна Кореја, која има малку помалку жители од Италија, околу 50 милиони, има околу 29.000 луѓе во самоизолација. Некои згради се ставени во карантин и најмалку еден станбен комплекс е најтешко погоден од вирусот. Но, досега властите не изолираа ниту еден регион.

Сеул посочува дека ги користи искуствата од МЕРС-от во 2015 година и дека настојува да ја информира јавноста што е можно повеќе. Спроведува масовно тестирање, вклучително и луѓе кои имаат многу благи форми на болеста или дури немаат никакви симптоми, но би можеле да заразат други.

Владата има законско право да пристапува до податоците собрани преку камери за видео надзор, ГПС-мониторинг на мобилни телефони и автомобили, податоци од трансакции со кредитни картички и влез во земјата, како и други лични податоци на луѓе за кои е потврдено дека боледуваат од заразна болест. Некои од тие податоци може да бидат објавени така што луѓето кои можеби биле изложени на вирус или нивните пријатели и членови на семејство може да се решат да се тестираат.

Таквиот систем на податоци им помага и на болниците во нивната работа. Луѓето кај кои е потврден вирусот се самоизолираат и се следат од далечина преку апликации на паметни телефони или редовно се проверуваат по телефон, сè додека не се ослободи болнички кревет за нив. Сето ова, вклучително и хоспитализацијата, е бесплатна.

Сепак, системот не е совршен. Околу 18.000 луѓе сè уште ги чекаат резултатите од тестовите, откако 209.000 луѓе имаа негативни резултати. Ова значи дека се можни нови случаи.

Земјата нема доволно заштитни маски, започна да наметнува ограничувања при нивното купување и сака да ангажира повеќе квалификувани луѓе за да работат на обработка на тестовите и да ги следат заразените.

Покрај тоа, овој пристап навлегува во приватноста.

Традиционалните пристапи, како што се изолирање на погодените области и пациентите, можат да бидат само умерено ефикасни

– Традиционалните пристапи, како што се изолирање на погодените области и пациентите, можат да бидат само умерено ефикасни и можат да предизвикаат проблеми во отворените општества – изјави заменик министерот за здравство на Јужна Кореја, Ким Ганг-лип.

Исто така, постојат некои сличности меѓу Италија и Јужна Кореја кога станува збор за коронавирус. Во двете држави, заразата првично се појави во помалите градови отколку во метрополите, па болеста брзо ги загрози локалните здравствени системи.

Болеста кај еден од првите пациенти во Италија, 38-годишната Матија, беше потврдена дури кога тој вторпат отишол во болница. Насоките за лекување тогаш не налагале тестирање на луѓе кои немаат никаква врска со Кина или други заразени области.

Италија има генерално ефикасен здравствен систем, но сега е во хаос

Регионалните власти првично спроведуваа повеќе тестирања, а потоа го намалија фокусот само на лицата со симптоми.

Според меѓународните студии, Италија има генерално ефикасен здравствен систем. Нејзиниот универзален здравствен систем прима помалку пари од европскиот просек, но споредено со Јужна Кореја – 8,9 отсто од БДП наспроти 7,3 проценти во Јужна Кореја, според Светската здравствена организација (СЗО).

Системот, сепак, сега е во хаос.

Испитувањата засега покажуваат дека секое заразено лице може да зарази уште две лица

– Ако трае неколку недели или месеци, ќе ни требаат засилување-  рече Пјер Луиџи Виале, шеф на одделот за инфективни болести во болницата „Сант’Орсола-Малпиги“ во Болоња.

Пред кризата Италија имаше само околу 5.000 легла во одделите за интензивна нега.

Владата побара од регионалните власти да го зголемат бројот на места во одделите за интензивна нега за 50 проценти и да го удвојат бројот на кревети за респираторни и заразни болести.

Набавени се околу 5.000 респиратори.

По откривањето на тоа жариште, Јужна Кореја отвори околу 50 локации за тестирање низ целата земја.

Првиот случај во Јужна Кореја беше 35-годишна жена од Кина која била тестирана на 20 јануари. Била тестирана благодарение на интуицијата на здравствениот работник, а не на официјалните упатства.

Најголемото жариште беше откриено по дијагностицирање на вирусот кај 31. пациент, 61-годишна жена од градот Даегу, на 18 февруари. Таа, исто така, немала врска со Вухан во Кина, од каде вирусот почна да се шири. Но, таа била член на секта која сега е поврзана со 61 отсто од случаите.

Во моментов, 117 институции во Јужна Кореја имаат опрема за тестирање на коронавирус. Максималниот капацитет е 20.000 тестови на ден.

Владата го плаќа тестирањето за лица со симптоми, доколку тие ги испратат лекарите. Инаку, тестирањето може да чини 140 долари.