Италијанскиот премиер Џузепе Конте денес во долниот дом на парламентот повика на брзо враќање на земјата во нормала, најави масовна употреба на тестови за откривање на заразените и најави пробен период за доброволна примена на мобилната апликација за откривање на заразените.

Конте достави извештај до членовите на долниот дом за резултатите од првата фаза на карантинските мерки и почетокот на втората фаза, кога се укинати скоро 90 проценти од забраните воведени поради инфекцијата, а најпрво ги пофали напорите на Италијанците да ги почитуваат мерките за заштита.

Тој заклучи дека „помина најлошиот дел од пандемијата, но, според него, Италија се соочува со уште поголем предизвик, а тоа е рестартирање на економскиот и производниот мотор во земјата“, рече Конте.

Во денешното интервју за весникот „Фолио“, тој изјави дека главните точки на закрепнувањето на Италија по пандемијата се да се направи Италија поатрактивно место, да се спроведат судски реформи, структурно да се намалат даноците и „моделот Џенова“ да се претвори во „модел Италија“.

Моделот Џенова подразбира, меѓу другото, прераспределување на богатството, предност на големи јавни работи и институционална соработка.

Премиерот апелираше до граѓаните да ги почитуваат санитарните мерки, да ја одржуваат дистанцата и да носат медицински маски, за да не се уништат резултатите што досега ги постигна Италија во борбата против пандемијата.