Италијанскиот премиер Џузепе Конте смета дека Европската Унија ризикува да пропадне како проект поради кризата со коронавирусот.

Тој во интервју за Би-би-си вели дека ЕУ мора да дејствува на адекватен и координиран начин за да им помогне на земјите што се најтешко погодени од пандемијата.

Конте исто така рече дека ЕУ треба да се соочи со предизвикот, кој го карактеризира како најголемиот тест по Втората светска војна.

Италија и други земји од ЕУ се обидуваат да ја убедат Унијата да издаде т.н. коронаобврзница, односно сите земји да прифатат распределба на отплатата на долгот.

– Ако не ја искористиме шансата да внесеме нов живот во европскиот проект, ризикот од колапс е реален – смета премиерот на Италија, која е најтешко погодената европска земја од вирусот.

Италија доби медицинска помош од Кина, Куба и Русија, а на прашањето дали руската помош за Италија била условена, можеби со поддршка од Рим за укинување на санкциите за Москва, Конте одговара дека ваквите инсинуации се длабоко навредливи за него.

– Тоа е навреда за италијанската влада и исто така и за Владимир Путин кој никогаш не помислил оваа ситуација да ја искористи како предност – рече Конте.