Се зголемува бројот на држави кои дозволуваат комбинирање на различните видови вакцини, а во одредени случаи дури и го охрабруваат пристапот при кој се прима прва доза од еден произведувач, а втора доза од друг. Токму тоа го стори и германската канцеларка Ангела Меркел што доведе до зголемување на интересот за ваквата практика, пишува „Њујорк тајмс“.

Некои држави се одлучија на ваквиот пристап од неопходност, кога се соочија со недостиг на одредена вакцина, или пак од претпазливост, кога беа покренати прашања за ефектите по примената прва доза. Научниците и законодавците изразија интерес за можноста според која комбинирањето вакцини може да донесе до значителни придобивки.

– Тврдењето вели дека еден плус еден е еднакво на три. Но за одржливоста на таквото тврдење во пракса, кога станува збор за ковид-19, ќе треба да се суди според собраните податоци – вели вирологот Џон Мур од американскиот медицински колеџ „Вајл-Корнел“.

Во тек се повеќе клинички испитувања за одредување на придобивките или недостатоците од ваквата практика. Истражувачите од универзитетот „Оксфорд“ испитуваат различни комбинации на вакцини, вкучувајќи ги оние на „Астра зенека“, „Фајзер“, „Модерна“ и „Новавакс“, во рамки на тестирањето „Ком-Ков“, а американските Национални здравствени институти неодамна покренаа испитување за комбинирањето на т.н. бустер дози. Руските истражувачи исто така тестираат комбинација на вакцините „спутник В“ и „Астра зенека“.

Обединетото Кралство дозволи комбинирање на вакцините во раната фаза на кампањата за вакцинација, а Германија, Канада, Шведска, Франција, Шпанија и Италија дозволуваат примање на различна втора доза за оние кои примија прва доза на „Астра зенека“. Здравствените власти во Канада сметаат дека и вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“ можат да бидат заменливи при вакцинацијата.

Комбинирањето вакцини не е нова идеја и научниците веќе експериментираа со ваквата практика во борбата против други болести, како на пример, еболата. Во теорија се истакнува можноста дека давањето на различни вакцини може да создаде посилен имунолошки одговор. Повеќето студии се во рана фаза, но дел од нив објавија ветувачки прелиминарни податоци. Генерално, научниците очекуваат податоците да покажат оти ваквиот пристап е безбеден.