Фото: Игор Бансколиев

Она што засега е заедничко во светскиот одговор на пандемијата се социјалната дистанца и поединечните изолации на државите, мерки што, според многумина, ќе предизвикаат огромни геополитички поместувања

ЕКСПЕРТСКИ ПРЕДВИДУВАЊА ЗА ПОСТКОРОНА-ИДНИНАТА

Во каков свет ќе живееме по пандемијата од коронавирусот? Ќе треба ли да се откажеме од повеќето од нашите досегашни навики? Дали светската политичка карта ќе претрпи прекројување? Каква ќе биде судбината на малите народи и држави како што е Македонија? Сите овие дилеми се отворени во периодов на пандемијата, која резултира со глобалната криза на сите нивоа, што според повеќето оцени, е најголемата од завршувањето на Втората светска војна. За нив се дебатира паралелно со борбата што светските влади ја водат за да го заштитат јавното здравје во своите држави.

Она што засега е заедничко во тој светски одговор на пандемијата се социјалната дистанца и поединечните изолации на државите, мерки што, според многумина, ќе предизвикаат огромни геополитички поместувања.
Во големиот број медиумски анализи може да се прочита дека она што многумина го посакуваат е дека оваа криза ќе донесе еден нов свет. Свет во кој ќе има радикална промена на свеста, во кој нацијата и религијата ќе станат мошти од минатото во однос на универзалната идентификација, каде што ќе се искачиме во подуховни суштества, чиј начин на размислување ќе влијае на политичките одлуки, кои нема да бидат ориентирани само кон профит, што ќе ја воздигне дипломатијата до нивото на кое егото ќе го нема главниот збор, што ќе ги стави зелените политики на врвот на агендата и на крајот ќе ја намали улогата на државата како ноќен чувар, што е сон на секој вистински либерал, и ќе ја стави индивидуалната слобода на прво место, па дури и на штета на безбедноста на заедницата. Се разбира, не се исклучени ниту согледувања, чии прогнози одат во сосема спротивна насока.

Сепак, каде е Македонија во една ваква ситуација? Како ќе се одрази сево ова, пред сѐ, на нејзината аспирација да стане дел од големото европско семејство Европската Унија, која сега е ставена на интензивен тест, од кој, веројатно, ќе зависи и нејзината иднина. Иако анализите покажуваат дека првичните реакции како одговор на кризата не беа најсоодветни од самата Унија, која како да го изгуби основниот постулат, а тоа е солидарноста.
Политичкиот аналитичар Нано Ружин смета дека светот повеќе нема да биде ист, пред сѐ, од економски аспект. Вели дека ќе има голем дефицит и назадување на стопанството и економијата за 20 отсто, што значи дека производството за 2020 година ќе биде помало за 20 отсто од она во 2019 година, а таа верижна реакција ќе донесе до исчезнување на голем број компании, се очекува и инфлација.

Фото: Игор Бансколиев

– Она од што многумина се плашат е дека откако ќе се намали ширењето на вирусот, луѓето ќе се опуштат, ќе излезат надвор, а тоа отвора можност за повторување на пандемијата. А во тој случај сѐ би било потешко. Во услови на криза, секој актер (држава, семејство) се врти кон себеси, кон своите, се создава една национална себичност. Во оваа ситуација Европската Унија не се покажа на ниво на кое очекуваа Европејците. Не се промовираше солидарност. Оваа ситуација на глобално ниво може да ја искористи Кина, зашто нејзиниот метод на одбрана се покажа како најефикасен – вели Ружин.
Аналитичарот Ристо Никовски смета дека она што е сосема сигурно е тоа дека светот нема да биде ист по оваа пандемија. Вели дека сѐ ќе биде поинаку, бидејќи првпат во поновата историја настануваат ситуации, кои до вчера биле незамисливи.

– Животот ќе биде поинаков и во материјална и во психолошка смисла. Главните светски институции и организации ќе мора да ја преиспитаат својата улога, бидејќи не се снајдоа во дадената ситуација. Каде се Обединетите нации? Зошто тие не преземат нешто, освен што претседателот даде изјава? НАТО и Европската Унија се покажаа тотално неподготвени и де факто се виде нивната неефикасност, која требаше да биде максимална во вакви услови. Сите тие мора да го преиспитаат своето постоење и да извршат реформи – посочува Никовски.
Според него, Македонија и малите земји секогаш се најпогодени во ваквите ситуации, зашто нивните капацитети логички се лимитирани.
– Но учеството во поголеми организации како Европската Унија остануваат императив, зашто само така ќе можат да се соочат со предизвиците – додава Никовски.

Сомнежите се најприсутни кај оние што верувале дека светот ќе продолжи да се развива кон наднационална држава во која глобалниот свет би сфатил дека сите се едно и дека разликите што сакаат да ги истакнат се мали кога се соочуваат со заеднички проблем што ги засега сите, но сега сево ова може да се промени и да доведе до раст на национализмот.
Стивен М. Волт, професор по меѓународни односи на „Харвард“, смета дека оваа пандемија ќе го зајакне национализмот и дека спротивставената природа на меѓународните односи само ќе се засили. Го наведува примерот на Првата светска војна, во која големата пандемија на грип не донесе помирен, покооперативен свет, туку обратно. Затоа посочува дека ковид-19 ќе донесе свет што е помалку отворен, помалку просперитетен и помалку слободен.
Индискиот дипломат Шившанкар Менон, пак, вели дека ситуацијата со вирусот најмногу ќе се одрази во враќање на довербата во концептот на државната нација и во националните влади, затоа што тие првенствено се справуваат со проблемот, секој во својот двор.

– Оваа пандемија покажува дека светот никогаш не бил помал, а проблемот брзо се прелева од една во друга земја. Во криза, секоја држава се повлекува внатрешно, во себе, што ќе има значително влијание врз глобалниот, супранационален, постмодерен свет, во кој Европската Унија беше пример што треба да го следиме – вели индискиот дипломат.
Американскиот воен стратег Џон Ален смета дека, на крајот, историјата ќе ја напишат победниците. Сепак, тој нагласува дека светот претходно ќе мора да помине подолг период на нестабилност, затвореност и потенцијален конфликт.

[email protected]