Илустрација: Економист

По отпочнувањето на вакцинацијата ширум светот, се поставува прашањето колку бргу овој процес може да направи разлика во борбата против коронавирусот, пишува „Економист“.

Вакцините ги намалуваат смртните случаи и хоспитализациите на два начина. Тие директно ги штитат вакцинираните, а пружаат и индиректна заштита на невакцинираните бидејќи помали се изгледите дека можат да се заразат од оние кои примиле вакцина. Мерејќи го комбинираниот ефект и колку бргу ќе биде постигнат, тој е можен само преку масовна вакцинација. Но веќе доаѓаат раните резултати.

Повеќето држави прво ја вакцинираат повозрасната популација, заедно со здравствените работници. Се очекува нагло намалување на стапката на хоспитализации и на смртни случаи неколку недели откако голем дел од повозрасното население ќе ја прими првата доза од вакцината. Но, според сегашното темпо, во оние места каде што вакцинацијата се одвива бавно, бројот на смртни случаи поврзани со ковид-19 на средновечни луѓе би можел да се зголеми во следните недели и месеци, со полнењето на болниците.

Ситуацијата во Израел се следи внимателно за први докази за промените што ќе ги донесе масовната вакцинација, бидејќи оваа држава го вакцинира населението побргу од која било друга. По еден месец од отпочнувањето на вакцинацијата, 26 отсто од населението од девет милиони во Израел прими барем една доза од вакцината.

Во неодамнешна анализа на Ран Балицер од истражувачкиот институт „Клалит“ во Тел Авив, биле споредени група од 200 илјади луѓе над 60-годишна возраст кои биле вакцинирани и слична група на невакцинирани. Тие ги забележувале разликите во стапките на заразност помеѓу групите преку споредување на резултатите од тестирањата на испитаниците.

Во првите 12 дена од студијата, стапките на позитивни тестови биле идентични помеѓу двете групи. На 13-от ден стапката на групата на вакцинирани опаднала незначително, но веќе на 14-от ден бил забележан нејзин пад за третина. Сликата треба да биде појасна по примањето на втората доза од вакцините на „Фајзер“, како и кога ќе бидат вклучени резултатите од помладата популација.

Еран Сегал од институтот „Вајзман“ смета дека смртните случаи поврзани со ковид-19 во Израел би можеле да забележат пад во раните денови на март. Прогнозата е заснована врз претпоставката дека вакцинацијата ќе продолжи според сегашното темпо и оти 80 отсто од возрасното население ќе ја прими втората доза до крајот на февруари.

Треба да се напомене дека дури и при ефикасна кампања за вакцинација како израелската, многумина сепак остануваат невакцинирани. Покрај возрасните кои не можат да примат вакцина и оние кои одбиваат, уште не е одобрена вакцина за децата. А нејзино одобрување не се очекува пред 2022 година. Дотогаш сузбивањето на пандемијата ќе биде тешко ако повеќето луѓе одбиваат да се вакцинираат, заклучува „Економист“.