Пред само неколку месеци, светот уживаше во најголемата слобода на движење во неговата историја. Воздушниот сообраќај бележеше континуиран подем со децении. „Хенли Паспорт Индекс“, кој ги вреднува најпогодните светски пасоши за патувања, во јануари објави дека Јапонија го достигнала врвот на рангирањето за годинава, со тоа што нејзините граѓани имаат можност да посетат 191 дестинација без претходно да бараат виза, пренесува Си-ен-ен.

Во светски рамки, граѓаните во просек уживаа безвизен режим или пристап до виза по пристигнување до 107 дестинации, скоро двојно од 58-те дестинации што беа отворени за просечниот патник при воспоставувањето на индексот за рангирање на пасошите во 2006 година.

Но, денес, со 93 отсто од светската популација што живее во земји со забрани за патувања поради коронавирусот, полето за игра е привремено израмнето.

Си-Ен-Ен, во ексклузивно интервју со Кристијан Калин, творецот на „Хенли Паспорт Индекс“ кој понекогаш го нарекуваат „Кралот на пасошите“, открива кои се долгорочните и краткорочните предвидувања за моќта на пасошите.

Азија е во водство

– Тоа е многу едноставна мерка. Тоа е широк одраз на геополитичките односи и мерка на отвореност на земјите – вели Калин за индексот, кој се заснова на податоците дадени од Меѓународниот орган за воздушен сообраќај (ИАТА) и опфаќа 199 пасоши и 227 патни дестинации.

Јапонија ја задржа својата позиција на врвот на листата, кога влегуваме во второто тримесечје на 2020 година, Сингапур е на второто место, а Германија и Јужна Кореја го делат третото место.

Луксембург и Шпанија се приклучуваат на Италија и на Финска на четвртото место, додека Австрија се искачи на петтото место кое го дели со Данска. Индексот се ажурира во текот на целата година, земајќи ги предвид измените за визната политика.

Сепак, непредвидените околности со појавата на коронавирусот, во некои случаи, ја обезвредија моќта на пасошите.

– Погледнете ја Шпанија или која било друга земја што има целосен карантин. Претходно, како шпански државјанин, имавте еден од најдобрите пасоши во светот во однос на слободното патување. Сега, ако сте и државјанин на Бангладеш чиј пасош е многу лош за патување без визи, можете слободно да одите на аеродром и да се качите на лет, доколку воопшто го најдете, и да ја напуштите Шпанија – објаснува Калин.