Илустрација: Економист

Кога пандемијата изби и вирусот се рашири низ светот, јавноста се сврте кон Светската здравствена организација (СЗО). Генералниот директор д-р Тедрос Аданом Гебрејесус ја предводеше СЗО иако не е лесно да се биде лидер под такви околности. Тој е избран за една од 100-те највлијателни личности за годинава од страна на „Тајм“, а по тој повод разговараше со американскиот магазин за одговорот на СЗО на пандемијата и за опасностите кои ги претставува коронавирусот.

Денот кога СЗО прогласи пандемија, 11 март, е врежан во сеќавањата на многумина. СЗО претходно предупредуваше за ситуацијата повеќе од еден месец, со што прогласи глобална здравствена тревога на 30 јануари кога повеќето случаи беа во Кина.

– Баравме од светот да се разбуди уште на почетокот на февруари. Од почетокот знаевме колку е сериозна ситуација. Беше опасно. Тоа беше јавниот непријател број еден – вели Тедрос, како што е познат шефот на СЗО во светската јавност.

СЗО потоа се соочуваше со бојни предизвици справувајќи се со новиот вирус за кој немаше доволно знаење, и направи одредени погрешни чекори попат. Организацијата беше особено критикувана поради задоцнетата препорака за носење на заштита за лицето. Но СЗО ги предвиде опасностите од политизација на вирусот.

– Од првиот ден истакнувавме дека ни се потребни национално единство и глобална солидарност. Апелиравме до политичките партии и до другите суштински да се обединат во борбата против пандемијата. Знам одредени држави, меѓу кои е и Финска, што формираа комитет помеѓу владејачката партија и опозициска партија, со цел да се борат против пандемијата заедно. Кога светот не соработува заедно и има пукнатина, како и поделби, тогаш вирусот стекнува предност – објаснува Гебрејесус.

Следен чекор во глобалната борба против пандемијата ќе биде развојот и дистрибуцијата на вакцини. – Постои можност да имаме вакцини до крајот на годинава или на почетокот на следната. Основниот принцип што го следиме во поглед на дистрибуцијата, е да дадеме вакцини на одредена група луѓе во сите држави, а не на сите луѓе во една држава. Ќе биде обезбедена вакцина за 20 до 30 отсто од популацијата во секоја држава – вели првиот човек на СЗО, додавајќи дека приоритет ќе имаат повозрасните, здравствените работници и луѓето со хронични здравствени проблеми.

– Треба да постои политичка согласност, одлука од страна на сите лидери со која вакцините ќе станат глобално јавно добро и ќе се користи формулата која СЗО ја предлага – смета Гебрејесус, кој истакнува и дека најважно е здравјето да се третира како основно човеково право.