Секој документ за идентификација носи сопствена дистопија. Австрискиот автор Штефан Цвајг кој сведочел за начинот на кој модерниот пасош ги сменил меѓународните патувања по Првата светска војна, напишал „Порано човекот имаше само тело и душа. А сега му е потребен и пасош, бидејќи без него нема да биде третиран како човечко суштество“. Во поново време, по терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година, ширењето на биометриските пасоши ја зголеми загриженоста за безбедноста и приватноста. „Со старите пасоши, барем знаевме на што сме“, наведе „Би-би-си“ во 2006 година, пишува „Блумберг“ во колумна по повод идејата за воведување на т.н. ковид-пасоши.

Денеска, идејата за воведување на т.н. ковид-пасоши создава страв за дигитална диктатура. Идејата е поддржана од индустријата за патување, како чекор кон враќање на вообичаената состојба, по најлошата година за меѓународниот туризам, како и од страна на технолошките компании желни за богатите владини договори и за достапноста до богатството на податоци. 

Да, убаво е да се сонува за можноста за слободно патување, но критичарите на ваквиот предлог велат дека тој ќе создаде нееднакво општество во кое вакцинираната елита ќе ја добие слободата да патува, да посетува концерти и ресторани. Дали навистина сакаме поделба помеѓу вакцинираните и невакцинираните?

Лидерите на ЕУ на вчерашната видео-конференција одлучија дека уште е рано за воведување на вакцина-сертификати поради бројните отворени прашања, наспроти надежите на државите кои зависат од туризмот како што е Грција.

Па се чини дека ентузијазмот за ковид-пасошите е преуранет исто како што беше случајот за воведување за дигитални сертификати за имунитет за оние со антитела по инфекцијата со коронавирус.

Ковид-пасошите би можеле да создадат и бирократски проблеми, како и нови несогласувања во европскиот блок со 27 држави преку различниот пристап за нивна примена. Најголем предизвик моментно е дискусијата за ковид-пасошите да се задржи на разумно ниво и таа да не го попречува процесот на вакцинација, заклучува „Блумберг“.