Кипарските власти порачаа дека ќе ги покријат трошоците за одмор во земјата за секој што ќе остане позитивен на коронавирус во текот на посетата.

Според Би-би-си, владата објавила писмо во кое се вели дека во ваков случај ќе ги покрие сместувањето, лековите и храната за пациентите и нивните семејства.

Заразените туристи ќе имаат само трошоци за авионски билети за Кипар и назад до дома.

Станува збор за пакет мерки со кои Кипар се обидува да привлече посетители на островот во кој има 939 случаи на коронавирус и 17 смртни случаи.

Туризмот учествува со околу 15 проценти од БДП на земјата, така што владата се надева на туристички посети што е можно поскоро.

– Влијанието на вирусот е огромно, се обидуваме да направиме што е можно повеќе за остатокот од сезоната – рече заменик-министерот за туризам Савас Пердиос, кој додаде дека властите вложуваат вонреден напор за спречување на вирусот.

Официјалните лица исто така велат дека ќе биде формирана болница со 100 кревети за сите туристи кои се разболеле на Кипар, како и неколку хотели кои ќе служат како карантини за семејствата на заразените.

Кипар планира да ги отвори аеродромите за земји со низок ризик како Германија, Израел и Малта на 9 јуни. За патници од Русија и Велика Британија аеродромите ќе бидат отворени во јули.