Кинеското Министерство за надворешни работи објави дека земјата и официјално се приклучила на глобалната иницијатива за вакцинација позната како Ковакс, со што стана најголемата економија која се обврза дека ќе помогне во финансирање на дозите на вакцини во земјите со низок и среден приход.

Во соопштението на Министерството не се откриени детали за тоа колку помош ќе пружи Пекинг, иако претседателот Си Џинпинг во мај вети 2 милијарди долари во текот на следните две години за да помогне во борбата против пандемијата на коронавирусот, од кој досега починаа над еден милион луѓе ширум светот.

– Го преземаме овој конкретен чекор за да обезбедиме рамномерна дистрибуција на вакцини, особено до земјите во развој и се надеваме дека и побогатите земји ќе се приклучат и ќе го поддржат Ковакс – рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунинг.

Глобалната иницијатива, предводена од Светската здравствена организација (СЗО), планира да достави најмалку две милијарди дози вакцини до крајот на 2021 година.

СЗО претходно објави дека преговара со Кина да се приклучи на иницијативата, а Русија и САД донесоа одлука да не се приклучат.