Кина одби да му достави на тимот на Светската здравствена организација необработени податоци од почетокот на пандемијата, рече денеска член на тимот на СЗО, потенцијално комплицирајќи ги напорите да се разбере како започнала инфекцијата.

Тимот на СЗО побара необработени податоци од 174 пациенти, кои беа меѓу првите што се заразија со ковид-19 во Вухан во декември 2019 година, но добија само заклучоци, рече Доминик Дваер, австралиски имунолог, кој е меѓу членовите на тимот на СЗО.

Податоците што се бараат од СЗО обично би биле анонимни, но содржат детали како што се прашања и одговори на пациентите и анализа на нивните одговори.

– Вообичаена практика е кога започнува истрагата за инфекцијата – изјави Дваер за Ројтерс по враќањето во Сиднеј, каде што во моментов е во карантин.

Австралиецот додаде дека пристапот до тие податоци е од голема важност, бидејќи само половина од 174 случаи биле поврзани со пазарот Хуанан, каде што првично бил откриен вирусот.

– Затоа инсистиравме на тие податоци, а зошто не ги добивме, не можам да коментирам. Дали е тоа политичка причина, временски, или е тешко да се добијат тие податоци … И дали има други причини зошто податоците не се достапни, не знам. Можеме само да шпекулираме  – додаде Дваер.