Висок службеник на кинеското Министерство за здравство изјави дека нема докази за обвинувањата дека Кина не ги споделила податоците со истражувачите на Светската здравствена организација (СЗО), кои го рагледуваа потеклото на епидемијата на коронавирусот.

По вчерашното официјално објавување на заедничка студија од Кина и СЗО за потеклото на ковид-19, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека Кина не им ги дала податоците на меѓународните истражители за време на нивната посета на Вухан, каде што за прв пат беше идентификуван коронавирусот, пренесува „Ројтерс“.

Сепак, Лианг Ванијан, кој ја водеше заедничката студија, им изјави на новинарите дека кинеските и меѓународните истражувачи имале пристап до истите податоци за време на истрагата и дека тврдењата за прикривање на податоците се неточни.

– Се разбира, според кинескиот закон, некои податоци не можат да се земат или фотографираат, но кога ги анализиравме заедно во Вухан, сите можеа да ја видат базата на податоци. Сето тоа беше направено со заеднички сили – рече тој.