Авион со тим специјалисти, лекари, медицинска опрема и други резерви од Кина пристигна во Италија.

Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека нивните медицински експерти се подготвени да и помогнат на Италија, чиј здравствен систем е под голем притисок поради „ковид-19“, предизвикана од новиот коронавирус.

Шефот на италијанската дипломатија Луиџи ди Мајо најави дека во Италија ќе дојдат кинеските лекари кои се справија со првите случаи на коронавирусот во Вухан. Нивната намера е да помогнат во лекувањето на заболените пациенти во Италија, каде што се потврдени повеќе од 10.000 заразени.

– На нашите лекари не им треба никој да ги учи за нивната работа, но кинеските лекари беа првите што се соочија со овој вирус и тие можат да го споделат своето искуство со нас – изјави министерот Ди Мајо за телевизијата РАИ.

Покрај човечката помош, од Кина пристигнаа и бројни респираторни апарати, заштитни маски, опрема и други медицински материјали.