Северна Кореја објави снимки од воената парада

Севернокорејската државна телевизија објави снимки од воената парада што се одржа рано утрово, по повод 75-годишнината од основањето на Работничката партија.

Севернокорејскиот лидер, Ким Јонг-ун, им одржа невообичаено обраќање на војниците заблагодарувајќи им се на помошта за санирање на штетите предизвикани од невремето ова лето и за спречување на епидемијата на коронавирус.

– Северна Кореја е единствената земја која се соочува со две кризи, здравствена поради ковид-19 и штета предизвикана од природни катастрофи – рече тој.

Ким тврди дека во Северна Кореја нема коронавирус. Изолираната комунистичка Северна Кореја презема строги мерки за спречување на пандемијата на коронавирус и ги затвори своите граници од јануари. Официјално земјата не потврди ниту еден случај, но јужнокорејските и американските служби се сомневаат во тие информации.

Ким ја повтори оваа изјава во својот говор, изразувајќи благодарност што ниту еден жител на Северна Кореја не се заразил со коронавирус.

Тој истакнал дека ковид-19 не може да се спречи без социјализам.

Странските медиуми објавуваат дека ниту еден странски новинар не добил покана за парадата.