Лекарката Рејчел Грималди од Велика Британија измислила систем со т.н. дигитални картички, познат како „Кардмедик“, за да им помогне на пациентите со ковид-19 полесно да комуницираат со здраствените работници кои носат лична заштитна опрема, пренесува „Гардијан“.

Со „Кардмедик“ се надминува комуникациската бариера предизвикана од личната заштитна опрема за контрола на инфекции која ја носат здравствените работници.

Анестезиологот Рејчел Грималди ја направила апликацијата „Кардмедик“ додека била на породилно отсуство, откако прочитала за пациент со ковид-19, кој не можел да ги разбере здравствените работници преку нивната лична заштитна опрема.

Нејзиниот систем му овозможува на медицинскиот персонал да постави важни прашања на тешко заболените пациенти и да споделува витални информации на дигиталните картички прикажани на телефон, таблет или на компјутер.

Од идејата до лансирањето на апликацијата на 1 април поминале 72 часа, а сега веќе се користи во болници во 50 земји низ целиот свет.

„Кардмедик“ во моментов е достапна на 10 јазици и има опција за гласовна комуникација за да им помогне на слепите или лицата со ослабен вид.

Комуникациските картички се бесплатни за преземање на веб-страницата на „Кардмедик“ и до нив веќе пристапија повеќе од 8.000 корисници.

– Повратните информации беа фантастични, а јас бев воодушевена. Луѓето велат дека тоа е едноставна идеја, зошто такво нешто не било направено порано – рече Грималди.

„Кардмедик“ која сега е достапна како апликација за мобилен телефон, веќе се користи во болниците низ Велика Британија, Африка, Азија и во САД.

Грималди работи на тоа услугата да е достапна на 30 различни јазици и во апликација за да се вклучат илустрации и видеа за британски знаковен јазик, како и Пе-де-еф верзии што можат да ги преземаат здравствените работници за печатење, пишување, бришење и повторна употреба.

 – Ова е навистина иновативен производ кој може да ја промени иднината на здравствената индустрија и да биде широко применет низ целиот свет долго време по пандемијата – вели Грималди.