Извршниот директор на австралиската авиокомпанија „Кантас ервејс“ изјави дека неговата компанија планира да бара сите меѓународни патници да бидат вакцинирани против ковид-19 пред да се качат на нивните летови и предвиде дека слични политики ќе бидат во цел свет, пренесува РТ.

Во телевизиско интервју за австралиската програма „Карент аферс“, Алан Џојс, објасни дека вакцината против коронавирус можеби нема да биде потребна за домашните летови, но дека ќе биде неопходна за меѓународните летови.

– Сакаме да ги смениме условите и одредбите за меѓународните патници, ќе бараме луѓето да се вакцинираат пред да можат да се качат во авионот. Задолжителната вакцинација најверојатно ќе стане нова реалност за меѓународните патници во светот – додаде Џојс.

Тој рече дека „Кантас“ веќе започнал да утврдува дали е потребно да се воведе двонеделен карантин на патниците кои пристигнуваат во Австралија. Тој додаде дека веќе ги тестираат и отпадните води на своите авиони за Ковид-19 како дополнителна  мерка за претпазливост.

Џојс претходно предупреди дека патувањето со авион нема да се врати на нивото пред пандемијата се додека вакцината за коронавирус не биде масовно достапна. Во октомври, тој предупреди дека „Кантас“ ќе продолжи со летовите кон Велика Британија и САД дури откако вакцината ќе се појави на пазарот.