Поради поповолната епидемиолошка состојба, сојузната американска држава Калифорнија ги олесни мерките против ковид-19 и им дозволи на жителите по повеќе од една година да присуствуваат на концерти во затворени простории, театарски претстави и НБА кошаркарски натпревари.

Агенцијата АП известува дека властите нема да бараат тестирање или доказ за вакцинирање за некои од овие настани, но бројот на лица со дозволено присуство ќе биде ограничен.

За настаните каде ќе биде потребно исполнување на овие услови, ќе биде овозможено масовно присуство, но и во двата случаи, публиката ќе може да се состои само од жители на Калифорнија, пренесува агенцијата.

Правилата се разликуваат од оние за приватни собири во затворени простории, како свадби, состаноци или конференции, а тоа е дозволено само ако сите гости имаат негативен тест за коронавирус, не постар од 72 часа, или приложат доказ за вакцинација.

АП наведува дека новите правила имаат за цел Калифорнија да воведе систем на таканаречени „пасоши за вакцинација“, што е прашање кое е предмет на жестока расправа низ целата земја.