Кинезите за сузбивање на коронавирусот презедоа мерки без преседан и организираа карантин каков што досега не е виден во историјата на човештвото, изјави доктор Александар Семјонов, заменик директор на Институтот за епидемиологија и микробиологија во Санкт Петербург.

Семјонов, кој ја посети Кина двапати за време на епидемијата на коронавирус, рече дека шеесет милиони луѓе биле сместени во строг карантин во Кина и дека целата земја ги почитувала мерките за самоизолација и самоконтрола.

– Никој сè уште не сторил такво нешто. Кинеското искуство, целосното ограничување на контактите, многу му помогна на светот. Тоа покажа како епидемијата може ефективно да се запре. Ова се виде и во Јужна Кореја која го следеше кинескиот пример и се избори со епидемијата – изјави Семјонов.

Говорејќи за Италија и Шпанија, тој изјави дека вирусот таму стигнувал по малку, но во многу наврати.

– Властите долго време се двоумеа меѓу комфорот на населението и потребата да се затворат сите граници. Оваа неодлучност на надлежните и долгата акумулација на индивидуални случаи предизвикаа заразата кај нив да се шири полека, но таа постоела цело време и затоа почнаа да реагираат доцна – смета Семјонов.

Тој наведува дека логиката вели дека е веројатно епидемијата полека ќе се намали и ќе престане.

– Да тргнам со најлошото сценарио – епидемијата станува огромна и го преплавува целиот свет. За мене е тешко да верувам во тоа. Вирусот не е заразен како на пример грипот – изјави тој.

Второто сценарио според него е епидемијата да се шири низ светот во бранови.

– Не се разболуваат многу луѓе, но постојано има болни луѓе. Ова е, исто така, малку веројатно, бидејќи сезоната на распираторни инфекции се ближи кон својот крај на Северната хемисфера. На јужната живеат многу помалку луѓе и таму е тешко да се одржи таква масивност на епидемијата – забележува Семјонов.

Третото сценарио е дека епидемијата ќе помине и повторно ќе се врати.

– Треба да се најде домаќинот на вирусот. Научниците се занимаваат со ова прашање и наскоро ќе добиеме одговор – вели рускиот лекар

Тој наведе дека е можно епидемијата да заврши како во случајот со САРС, болест која го уплаши целиот свет и ја нема веќе 17 години.

– Сакам да верувам во тоа сценарио – заклучи тој.