Илустрација: Фајненшл тајмс

Лесно е да се искористи исплашениот народ кој ги прифати ограничувањата на слободата

Меѓународната политика страдаше уште во состојбата пред ударот на ковид-19. Пред коронавирусот, политичкиот свет веќе потклекнуваше пред „вирусот на моќниците“ пишува Гидион Рачман, во неговата колумна насловена „Како моќниците ќе ја искористат кризата во нивна полза“ за „Фајненшл тајмс“.

Во 2018 година Кина ги симна ограничувањата за претседателскиот мандат, отворајќи ја можноста за Си Џинпинг да владее доживотно. Русија објави дека исто така планира уставни измени кои ќе му пружат прилика на Владимир Путин да остане на власт до 2036 година – овозможувајќи му да помине подолг период на функција од Јосиф Сталин.

Дури и веќе етаблираните демократии покажуваат симптоми на „синдромот на моќниците“. Доналд Трамп дојде на власт во САД во 2016, најавувајќи дека „самиот може да го поправи американското уништување“. Тој неодамна соопшти дека има „тотална моќ“ во справувањето со пандемијата. Жаир Болсонаро стана претседател на Бразил во 2019 година, изразувајќи восхит кон воената хунта што го предводеше Бразил во неговата младост. Во Манила, Њу Делхи и во Ријад, персонализираното лидерство исто така е во мода.

Глобалното политичко тело кое веќе е ослабнато од „вирусот на моќниците“ би можело да стане уште позаболено под ударот на вонредната здравствена состојба. За спречување на пандемијата, исплашените луѓе низ светот прифатија невообичаени ограничувања на личните слободи кои регулираат дали тие можат да излезат надвор или воопшто да заработуваат за живот. Исто така има вознемирувачки историски преседани во кои владите искористија вонредна состојба за да прифатат диктаторски моќи кои остануваат неоспорени. Класичен пример е употребата на пожарот во Рахјстагот во 1933 година од страна на Адолф Хитлер за да воспостави владеење преку декрет.

Уште еден јасен пример за владетел-моќнок што го користи коронавирусот за да го засили стисокот врз власта веќе се појави во Унгарија. Виктор Орбан ги помина последните неколку години во подривање на независните медиуми, судството и универзитетите, а сега маневрираше вешто за да ја искористи пандемијата. Унгарскиот премиер го убеди парламентот, доминиран од неговата партија Фидеш да му даде моќ за владеење преку декрет на неодреден период. Одговорот на деконцентрираната од коронавирусот ЕУ беше благ.

Други лидери, пак, имаа поинаков пристап повикувајќи животот да се одвива вообичаено, наместо да ги ускратат граѓанските слободи. Нивните потези повеќе беа наивни отколку лукави. Белорускиот претседател Александар Лукашенко се осигури дека Белорусија е единствената европска држава во која уште се игра националното фудбалско првенство. А во Бразил, Болсонаро повика на отворање на продавниците и го отстрани од функцијата министерот за здравство бидејќи не се согласуваа околу социјалното дистанцирање.

Дел од проблемот веројатно претставува што овие лидери го толкуваат како сила одбивањето да бидат заплашени од обична болест. Болсонаро бараше Бразилците да се соочат со вирусот „како мажи, а не како деца“. Во Велика Британија, Борис Џонсон приреди шоу од ракувањето со луѓето во болницата со пациенти заболени од ковид-19, пред и самиот да биде заразен.

Многумина лидери-моќници во демократиите се популисти кои искажуваат нетрпеливост кон „елитите“, во кои спаѓаат и епидемиолозите и јавните службеници. Антиваксерите кои шират теории на заговор за вакцинацијата виреат во популистичките движења на Западот.

Ако популистичките лидери продолжат да прават збрка во справувањето со пандемијата, коронавирусот би можел да го смени трендот кон нивната политика преку дискредитирање на лидерите што лошо се справиле со ситуацијата, зголемувајќи ја потребата за експертиза.

Но како што настаните се развиваат моќниците можат да увидат дека новата состојба е дури и поприемлива кон нивниот политички стил. Економските проблеми и очајот честопати се непријатели на мирната дебата, односно пријател на теориите на заговор што им овозможуваат на популистите да виреат.

Светските лидери-моќници честопати оддадоа слаб впечаток во раната фаза на кризата со коронавирусот. Но јас се плашам дека таа ќе се сврти во нивна полза долгорочно, заклучува Рачман.