Компанијата „Бионтек“, која произведува вакцини против коронавирусот, со фармацевтскиот гигант „Фајзер“ успеа да развие вакцина против делта-сојот на коронавирусот за само неколку недели. Тие успеале во тоа бидејќи користеле мРНА-технологија. Тоа значи производство на вакцина со која генетскиот код за клучниот протеин во вирусот го учи телото да го создаде тој протеин и да се бори против вирусот.
Коосновачот и главен медицински експерт на „Бионтек“, Озлем Туречи, посочи дека било потребно само да се земе протеин од делта-сојот, додека претходно се користел протеинот од првобитната варијанта на овој вирус.
Според неа, мРНА-технологијата може да послужи како она што тие го нарекоа технолошка платформа, што подразбира дека може да се направат промени во кодот, но дека сѐ друго останува непроменето и стабилно.
– Тоа значи дека во производството не треба да се менуваат многу работи, а за кои треба да се консултирате со властите и да докажете дека постои контрола на квалитетот. Можете да го користите првобитниот метод на производство – додава Туречи.
Развојот на вакцини за новите соеви на коронавирусот трае само неколку недели. Уште еден од основачите и извршен директор на „Бионтек“, Угур Сахин, истакна дека тоа може да потрае помалку од четири недели. Токму тој го предводеше тимот што ја разви вакцината против коронавирусот за рекордни 11 месеци, а која беше првата во светот што беше одобрена за употреба. Пред тоа, рекордното време за развој на вакцина беше четири години.
– Земајќи ги предвид сите потребни тестови, потребни се помалку од 100 дена за да се создаде вакцината. Тоа време ќе биде уште пократко, бидејќи сѐ се подобрува и забрзува. Тоа е вистинската моќ на технологијата, да се биде исклучително брз – објасни Сахин.

Преку тестирања, во „Бионтек“ и во „Фајзер“ било утврдено дека е неопходно да се прими трета доза од вакцината за да се има поголема заштита од делта-сојот на коронавирусот, кој првпат беше регистриран во Индија. Меѓутоа, поединци сметаат дека вакцинација со третата доза е сомнителна. Сепак, „Фајзер“ уверува дека третата доза имунизација, како што наведоа, силно ја зголемува заштитата од делта-сојот. Компанијата веќе започна со тестирање вакцини против делта.

Онлајн изданието на деловниот магазин „Фаст компани“ пишува дека постои можност споменатиот вид да мутира, што би можело да ја направи вакцинацијата уште попотребна. Тие проценија дека во некои земји, како што се многу африкански земји, каде што има многу невакцинирани луѓе, поприфатливо е да се спроведе имунизација со вакцини против делта-сојот, кој во моментов е доминантен.

Компанијата „Бионтек“, пред пандемијата на коронавирусот, беше посветена на користење на мРНА-технологијата во обид да направат вакцина против рак. Тие исто така тестираат вакцини против сите други регистрирани видови на коронавирусот. Според Сахин, тие се особено фокусирани на ламбда-сојот, кој е најзастапен во Јужна Америка.