Од Оксфорд до италијанска лабораторија

Како што пандемијата почна да го опфаќа светот, кутија од универзитетот Оксфорд пристигна во лабораторија јужно од Рим. Таа содржеше епрувети во кои се наоѓаа неколку капки предвидени да се искористат за производство на потенцијална вакцина против коронавирусот, пишува „Вашингтон пост“.

Задача на лабораторијата „Адвент“ претставуваше претворање на капките во количество доволно за 13 илјади луѓе, кое е потребно за тестирање на потенцијалната вакцина на неколку континенти.

– Навистина чувствувавме притисок – кажа Франческо Калварусо, менаџерот за производство на „Адвент“, лабораторијата на која и беа потребни два месеца за да ја создаде вакцината за тестирање позната како „АЗД1222“.

Таа вакцина, како и другите создадени за борба против пандемијата, засега е недокажана. Но, таа е понапред во процесот на тестирање во однос на другите кандидати, со што се претвори во најголемата, а можеби и единствена шанса на Западот за создавање на вакцина до крајот на годинава.

Оксфорд произведуваше сопствена вакцина за најраното тестирање од мали размери познато како „Фаза 13. Но, што се однесува на пообемните тестирања кои вклучуваат десетици илјади луѓе, универзитетот се обрати кон „Адвент“ кој претставува оддел на поголемата групација позната како „ИРБМ“, која во изминатата деценија е фокусирана кон производство на еден особен вид на експериментални вакцини, користејќи аденовируси. Можноста за брзо добивање на вакцина, кога за процесот на експериментирање и одобрување вообичаено е потребна една деценија, можеби се чинеше недостижно на почетокот на пандемијата.

Но, со оглед на обемот на пандемијата и на брзината со која научниците работат, европските држави застануваат зад проектот на универзитетот Оксфорд, велејќи дека раните сигнали даваат повод за оптимизам.

Минатата недела Италија, Германија, Франција и Холандија постигнаа договор за 400 милиони дози на експерименталната вакцина на Оксфорд, која ќе биде произведувана од „АстраЗенека“ ако биде одобрена од регулаторите. Оваа компанија досега случи слични зделки со Велика Британија и со САД.

– Не можеме да замислиме да се обложиме само на оваа вакцина. Но нашите научници сметаат дека оваа вакцина ќе пристигне пред другите. Моментно нема друга компанија која тврди дека може да има вакцина до крајот на годинава – истакна Роберто Сперанца, италијанскиот министер за здравство.

Во глобалната трка за разој на вакцина повеќе од 100 лаборатории, универзитети и фармацеврски компании почнаа експериментални истражувања. Но, само 11 канцидати за вакцина стигнаа до клинично тестирање, според Светската здравствена организација. СЗО тврди дека само вакцината на Оксфорд стигна до т.н. „Фаза 3“, која претставува завршно и најобемно тестирање. Лекот произведен во Рим исто така се користи за тестирање кое се одвива во Велика Британија, а „АстраЗенека“ исто така доби одобрение да спроведува тестирање во Бразил. „Адвент“, пак, произведува дози на вакцини кои ќе се тестираат во неколку африкански држави.

Вакцината на Оксфорд, сепак, уште е далеку од сигурен облог, според експертите. Можеби нема да делува или пак ќе овозможи имунитет на само дел од оние кои ќе ја примат. Дури и да стигне до пазарот, останува нејасно дали ќе овозможи долгорочна заштита или ќе штити една или две години. Извесно е дека светот ќе треба да создаде повеќе од една вакцина, како што ќе се зголемува побарувачката.