Слабите капацитети на државите за справување со пандемијата на коронавирусот претставуваат нова можност за овие организации да ја зацврстат својата популарност кај цивилите, кои и досега во голема мера беа под нивно влијание

Во многу држави криминалните банди, милитантите и терористичките организации владеат со териториите на кои централните власти на овие земји, во принцип, а особено во условите на пандемијата на коронавирусот, имаат многу слабо влијание или воопшто го немаат, пишува американскиот магазин „Нашнал интерест“, кој направи осврт за дејствувањето на терористички и милитантни организации во услови на пандемијата. Некои од овие организации, како што истакна магазинот, дури делат и социјална помош и медицинска нега и спроведуваат владеење на правото на рудиментарен начин. Токму затоа, како што оценува магазинот, слабите капацитети на државите за справување со пандемијата претставуваат нова можност за овие организации да ја зацврстат својата популарност кај цивилите, кои и досега во голема мера беа под нивоно влијание.

Настаните одат дотаму што дури и одредени групи креираат свои знамиња и валути што ги употребуваат на териториите со кои владеат, а битката со коронавирусот им е само уште една алатка во остварување на нивните цели, пишува магазинот. Загрижувачки, според магазинот, е и тоа што низ светот се регистрирани голем број примери каде што хуманитарни организации, како Црвениот крст и Лекари без граници, имаат долга историја на соработка со ваквите организации. Во Бразил, на пример, битката со болеста во Рио де Жанеиро ќе биде најтешка поради големата сиромаштија, немањето чиста вода за пиење и услови за одржувањето хигиена, но и поради начинот на живот во мали станбени средини. Токму во тој град во изминатиов период биле забележани вооружените банди познати по својата свирепост, кои практично владеат со некои делови од градот, како со автомобили го предупредувале населението да остане во своите домови и физички да се дистанцира, со предупредување дека оној што нема да го почитува тоа ќе биде казнет за да им служи како пример на другите жители.

Паралелно со тоа, милитантната организација Хезболах во Либан мобилизирала 1.500 доктори, три илјади медицински сестри и аптекари и уште 20 илјади активисти во своите акции за спречување на ширењето на ковид-19.
– Ова е вистинска војна, со која треба да се соочиме со ментален склоп на еден воин – изјавил за „Ројтерс“ Сајед Хашем Сафидин, водачот на советот на лидери на Хезболах.
Тој за новинарите истакнал дека групите организирани од оваа организација дејствуваат во болници каде што им даваат бесплатна нега на заболените и вршат бесплатни тестови за детектирање на ковид-19.
Оваа милитантна организација за „Ројтерс“ истакнала дека во моментов по должината на локациите каде што таа дејствува, изнајмува хотели што ги користи како центри за прифат на лица заболени од вирусот.

За обележување се и вестите што деновиве пристигнуваат од Авганистан, каде што Талибанците преку интернет објавиле видеоупатства во кои детално се објаснува како се врши дезинфекција, како се користат заштитните маски и како редовно и темелно треба да се мијат рацете. И милитантните организации што војуваат во Либија, спроведуваат брутални воени обуки, кои се одвиваат од 6 часот наутро до 18 часот попладне. Натаму, милитантната организација Хамас, која е активна во областа Газа и во Израел, во моментов гради два огромни кампа за карантин на заразените од коронавирусот. Во последното издание на весникот, кој се смета за официјално гласило на Исламската држава, се опишани серија упатства како терористите да се справат со заболувањето.

Пецо Трајкоски од Центарот за стратегиски истражувања и анализи во Скопје вели дека ваквото однесување на овие организации со милитантен или терористички префикс воопшто не треба да нѐ чуди, бидејќи тие во овие моменти пред целиот свет се обидуваат да покажат дека се држава во држава, односно сериозни организации што имаат своја територија, власт и население за кои се грижат.
– Па, оттука, криминалните и терористичките организации од тој формат, можеби во своите структури немаат министри за екологија и за здравство, но сигурно на располагање имаат доктори и персонал што се грижи за отпадот и за животната средина – вели Трајкоски.
Според него, овие организации не се составени од прости и неедуцирани луѓе, туку во нив членуваат и високообразовани кадри, кои со овие постапки се обидуваат да создадат впечаток дека се грижат за своите активисти и за нивните семејства, па дури и за оние што им се противници.

– Војна, па дури и да е вирус, ако си терорист или милитант, не можеш да добиеш ако во своите редови немаш доктори и медицински персонал, а овие организации се навикнати нонстоп да војуваат – вели Трајкоски.
Тој потсетува дека некои од милитантните организации во светот и онака биле препознатливи по медицински дејствувања, па справувањето со ковид-19 е само една од акциите во низа. Аналитичарот вели дека лидерот на некогашната Ал каеда, Осама бин Ладен, имал заболување на бубрезите и специјални доктори го лекувале целиот период додека тој дејствувал. Слична била и состојбата со Ал Багдади, доскорашниот прв човек на ИСИС,, кој неколку години пред неговото убиство константно бил под медицински надзор поради разни заболувања.

– Кај нас на Балканот и во земјава, интересно е што милитантните организации, како на пример некогашната УЧК, првпат во доцните 1980-ти години од минатиот век станала позната во јавноста кога полициските рации пронашле медицинска опрема за дејствување на оваа организација кај нејзините приврзаници. Слично беше и во Македонија во 2001-та со ОНА, која по набавката на оружје веднаш почна да набавува и медицинска опрема, што значи дека и во нивните редови членувале доктори и медицински персонал што се грижеле за логистиката и за здравјето на припадниците на овие милитантни организации – резимира Трајкоски.

[email protected]